Учителки и родителки прошетале до Италија за 8 Март – ги пријавиле во Просветен инспекторат

Фото: ЕПА

Неколку учителки и родителки на основци од Скопје и од Куманово, биле во Италија да го прослават денот на жената, 8 Март, ама неколку дена порано, а потоа дошле на настава во училиштата во понеделникот, дознава „Слободен печат“ од извори во Државниот просветен инспекторат.

Родителки на основци, кои исто така биле на шетање во Италија деновиве, си ги донеле учениците на настава, а кога од директорките им било посочено да одат во домашна самоизолација и да не ги носат децата на настава, се расправале и едвај попуштиле да си ги земат децата дома, пред да биде донесена мерката од Владата за прекин на наставната програма во училиштата. На ваков начин, тие придонеле учениците и родителите да бидат под огромен стрес поради коронавирусот. Учителките масовно патувале за 8 Март не само во Италија, туку и во Атина и на други европски дестинации каде е потврдено присуство на коронавирусот.

За овие случаи, во Државниот просветен инспекторат се јавила избезумена родителка, која не сакала да поднесе официјална претставка, но дала информации за просветните работнички што во понеделникот се вратиле од Италија право во основно училиште. Од управата на училиштето, директорот на ДПИ Томе Спировски добил одговор дека не знаеле дека дел од нивниот просветен кадар бил на предосмомартовска прошетка за Италија, но дека сепак, посочените учителки се ставени во изолација. Но, пред да бидат во изолација, тие дошле на работа во понеделникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот