Ученици со попреченост завршиле средно образование, но системот ги чита како „основци“ за да не земат младински додаток
Две млади лица од маргинализирана заедница со попреченост, се дискриминирани во Македонија зашто не им било дозволено да аплицираат за мерката практикантство ниту за младински додаток, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Препорачано
Тие, иако имале завршено средно образование, добиле одговор дека „немаат“ и системот ги чита како „со завршено основно образование“, зашто времетраењето на средното образование им било две години, а не четири години.
Средното училиште било за ученици со посебни образовни потреби и школувањето во него се спроведува според прилагодени програми одобрени од Бирото за образование и Центарот за средно стручно образование на Македонија. Учениците таму добиваат сведителство и по завршувањето на образованието добиваат уверение кое го издава и го одобрува Бирото за образование и тоа за завршено средно образование на ниво од втор степен стручна подготовка. Потоа тие се пријавуваат во Агенцијата за вработување во општината од каде што потекнуваат.
Но, кога учениците аплицирале за практикантство и за младински додаток, добиле одговор дека „системот ги води како да не завршиле средно образование“ иако завршиле двегодишно средно образование и имале свидетелство и уверение за работно оспособување.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека овие ученици се дискриминирани во Македонија, затоа што не им е овозможено и покрај тоа што имаат завршено средно образование, да аплицираат за мерката практикантство и за мерката младински додаток. Дискриминацијата се состои во тоа што системот ги заведува како „лица со незавршено средно образование“.
Членот 24 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, утврдува дека лицата со попреченост имаат право на образование без дискриминација, а земјите мора да гарантираат дека тие можат да пристапат до инклузивно, квалитетно и бесплатно основно и средно образование, на еднаква основа со другите во местата каде што живеат.
Конвенцијата признава дека лицата со попреченост имаат еднакво право на работа како и сите други, што вклучува право да заработуваат за живот преку слободно избрана работа, работа на инклузивен пазар на трудот и со еднаков третман при вработувањето.
Законот за национална рамка во Македонија, исто така утврдува дека нивото 2 на средно стручно образование во траење од две години, претставува основ според кој овие лица добиваат диплома за завршено средно образование.
Евидентирањето на невработените лица во Агенцијата за вработување согласно квалификација ниво 2 (еквивалент на основно образование) иако истите имаат завршено средно двегодишно стручно образование и стекнато уверение за стручно оспособување како доказ за стекната квалификација, односно завршено средно образование, претставува нееднаков третман и нивно ставање во понеповолна положба, бидејќи не се признава нивното реално стекнато ниво на образование и квалификација, велат од Комисијата за спречување дискриминација.
Оттаму препорачаа Агенцијата за вработување да ги пријави лицата дека имаат завршено средно образование, а со тоа да им се овозможи да користат мерки од Оперативниот план за вработување. Исто така, Агенцијата за вработување има рок од 30 дена да ја изедначи практиката за сите идни вакви случаи кои завршуваат средно образование во државните средни училишта за лица со попреченост. Во спротивно, Комисијата за спречување дискриминација ќе поведе прекршочна постапка пред надлежниот суд против Агенцијата за вработување.


