Убедливиот пораз од Германија ги однесе ракометарките во натпревар за 11 место на СП
Женската кадерска репрезентција на Македонија доживеа убедлив пораз од Германија од 21:34 и утре ќе игра за 11 место на Светското првенство до 18 години што се одржува во Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ракометарките кои во претходниот натпревар против Исланд пропуштија шанса да обезбедат пласман во четвртфиналето, на денешниот натпревар влегоа емотивно испразнети и уште од самиот почеток им дозволија на Германките да наметнат свој ритам и да го контролираат резултатот.
Натпреварот започна со водство од 4:1 за Германија, а потоа беше и плус пет (8:3), но по тај-аутот на селекторот Љубомир Савевски, македонските ракометарки заиграа далеку подобро и успеаја да дојдат до минус еден (10:9). Сепак во финишот од првиот дел, Германија повторно влезе во серија и на одмор замина со предност од пет гола (17:12).
И второто полувреме започна слично како и првото, Германија тргна со серија 3:1 за плус седум (20:13), а потоа дојдоа и до двоцифрена предност (26:16) по што единствена непознаница до крајот на натпреварот беше со колкава разлика ќе загуби Македонија.
На крајот Германките славеа со 34:21 и ја испратија Македонија на дуел со Хрватска за пласман на 11 место на СП.
Емилијана Ризоска и Теодора Дукоска дадоа по четири гола, додека по три погодоци имаа Борјана Коцева и Ива Младеновска, а голманката Чурлиновска имаше десет одбрани.


