Турските Кипрани избраа нов лидер – се отвора нова шанса за наоѓање „златна средина“ со грчкиот дел на Кипар
Со изборот на Туфан Ерхурман, турските Кипрани ја отфрлија идејата за две држави што ја поддржува Анкара, додека новиот лидер го обвини досегашниот лидер Ерсин Татар дека со избегнувањето на преговори ја изолирал заедницата од ЕУ, а грчкиот претседател Никос Христодулидис порача дека е подготвен за обновување на мировниот дијалог.
Турските Кипрани во неделата избраа лидер кој се залага за враќање на преговорите за дводелна федерација со грчките Кипрани по долгогодишниот застој на одамна запрените разговори за решавање на деценискиот етнички раздор на островот, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Туфан Ерхурман, 55-годишен политичар, победи убедливо, освојувајќи 62,76 отсто од гласовите наспроти досегашниот лидер Ерсин Татар, кој доби 35,81 отсто, според неофицијалните резултати објавени од државната телевизија БРТ. Од вкупно 218.000 регистрирани гласачи, излегле речиси 65 отсто. Остатокот од гласовите бил распределен меѓу уште пет кандидати со минимална поддршка.
На митинг по победата, пред разиграни поддржувачи, Ерхурман изјави дека оваа победа е „победа за сите турски Кипрани, без разлика на партиска припадност“ и дека сите идни чекори за обновување на мировниот процес ќе бидат во координација со Турција, како што било и досега.
Отфрлање на идејата за „две држави“
Со оваа изборна одлука, турските Кипрани се свртеа од Татаровата визија за две одделни држави, која Анкара ја поддржува од 2017 година, кога последниот обид за мировен договор пропадна со меѓусебни обвинувања.
Ерхурман остро ја критикуваше политиката на Татар, велејќи дека неговото одбивање да се вклучи во официјални преговори претставува „изгубено време“ што ја изолирало турско-кипарската заедница од Европската унија и ја потиснало уште повеќе на меѓународната маргина.
Грчко-кипарскиот претседател Никос Христодулидис, во честитката упатена до Ерхурман, изјави дека очекува што поскоро да се сретне со него и ја повтори својата подготвеност да ги продолжи мировните разговори.
Историски контекст
Кипар остана поделен во 1974 година, кога Турција изврши инвазија неколку дена по државниот удар организиран од грчката хунта, која се обидуваше да го приклучи островот кон Грција.
Само Турција ја признава независноста на северниот дел, прогласена во 1983 година, и таму одржува повеќе од 35.000 војници.
Кипар стана членка на ЕУ во 2004 година, но само јужниот (грчки) дел, каде што се наоѓа меѓународно признатата влада, ги ужива сите придобивки. Многу турски Кипрани поседуваат кипарски (ЕУ) пасоши, но живеат на север.
Влоговите во мировниот процес
Можен мировен договор би можел да овозможи брзо искористување на големите резерви на природен гас крај јужниот брег на островот – што би можело да обезбеди енергија за Египет и Европа.
Договорот би можел и да ги отстрани турските приговори за проектот за електричен кабел што треба да ја поврзе Грција со Кипар, а во иднина и Израел.
Иако изборниот резултат се гледа како позитивен сигнал за обновување на преговорите под покровителство на ОН, остануваат големи предизвици.


