Трстена: Борачите успеаја, срамота е што другите македонски спортисти не освоија медал

Македонија на Медитеранските игри во Оран настапува со 70 спортисти/Фото: Македонски олимписки комитет

Преку борењето Македонија ги освои првите медали на Медитеранските игри кои се одржуваат во Оран, Алжир. Легендарниот борач Шабан Трстена упатува големи честитки за резултатите кои што ги постигнаа руско-македонските борачи.

Борачот од Вардар, Могамедгаџи Нуров го освои златниот медал во последните секунди, а другиот натурализиран борач Владимир Егоров кој е член на Балканец од Штип, освои бронзен медал, а пред два месеци го освои европскиот златен медал.

Трстена не е среќен што другите македонски спортисти во Оран не успеја да се закитат со еден од медалите.

Македонските ракометари се во можност да освојат медал, откако обезбедија полуфинале, а македонските ракометарки ја завршија групната фаза со три порази и ќе се борат за седмото место. Македонските одбојкари ја завршија групната фаза како последни со два порази, а истото им се случи и на македонските одбојкарки со три порази во својата група.

Македонските каратисти Петар Заборски, Симона Заборска и Петар Спасеновски беа елиминирани уште на стартот. Во џудо Еди Шерифовски загуби во првото елиминациско коло, додека Андреј Чакаровски стигна до репасаж, но не успеа да стигне до борба за бронза.

Атлетичарката Дрита Ислами на трката 400 метри со пречки (петто место) не успеа да се квалификува во финалето, додека Јован Стојоски (400 метри) беше четврти во квалификациската група со послабо остварено време.

Јован Стојоски заврши како четвртопласиран во квалификациите/Фото: Македонски олимписки комитет

Во стрелаштво (воздушна пушка) Анастасија Мојсовска го освои 14 место, а на истата позиција се најде и Борјан Бранковски (воздушен пиштол). Во пливање Андреј Стојановски (200 метри градно) беше петтопласиран во групата, забележувајќи нов младински рекорд.

– По тој успех, на Медитеранските игри ќе беше срам и голем спортски неуспех ако Европскиот шампион останеше без медал. Сепак благодарение на Бога, Владимир Егоров се бореше за медал до последните секунди со големо срце и успеа да го освои бронзениот медал. Но, за жал, од друга страна, и ГОЛЕМА срамота што од делегација на МОК (Македонски олимписки комитет) од 114 лица, од кои 70 спортисти, никој друг од македонски спортисти не беа способни да освојат ниту еден медитерански медал, а голем број од нив не ги поминаа ни елиминациите. Еве покрај натурализираните борачи кои ни донесоа два медали, само ракометарите го оправдаа учеството.

Јас како македонски спортист, како олимпиец, европски, светски, балкански шампион и три пати по ред освојувач на три златни медитерански медали, се прашувам јавно, дали вие другите ја сакате вашата татковина и вашата нација? Знаете дека со потта на народот и на татковината, вие 365 дена добивате поддршка од Агенција за спорт и млади, некои од вас добиваат степендии и плус други бенефиции, дека 15 милиони евра кои влегуваат во спортот се парите од данокот од народот или ваучери за спортски федерации, клубови и за македонски спортисти, само за вие да тренирате и да го радувате вашиот народ со освојување медали, во случајов од Медитеранските игри. Но, за жал многумина од вас не се заинтересирани да се жртвуваат за успехот, за вас како и за МОК сепак е најважно старото мото, важно е да учествувате, а не да победувате.

Затоа и не освоивте медали, не се боревте доволно со спортски дух, ја немате и гордоста, ја немавте љубомората во срце да кажете, зашто тој може да го освои златото, зашто и јас не можам да бидам медалист. Така почитувани млади спортисти, љубомората мене ме тераше да тренирам многу и да победувам и да освојувам многу светски медали.

Е моја Македонијо, иако оваа наша мала земја, би рекол и чудна, во својата историја со свои Македонски борачи освоивме многу медали, од 1951 година кога почнаа првите Медитеранските игри, нашите македонски борачи имаат освоено 8 златни медали, 13 сребрени медали и 11 бронзени медали до 2018 година. Аце Јорданов, Добри Маринков, Сефер Салиовски, Ристо Дарлев, Шабан Сејдиу, Коце Евремов, Киро Ристов, Абаз Емини, Зоран Шоров, Мирко Димчевски, Дејан Богданов, Јасин Реџелари, Бобан Данов, Дејан Митров и други.

Замислете кај бевме ние, а каде сме сега. Ова е тажно и жалосно, го изгубивме овој борачки спорт што некогаш беше гордоста на нашиот народ, затоа што со наши борачи освоивме се што може да се освои на пет континенти, од олимписко злато па се до медитерански игри.

Јас уште еднаш, како олимписки шампион, прашувам..Кога ќе се роди еден вистиски македонски спортист, шампион од оваа мала земја како европски шампион Емил Павлов во карате, Димитар Ѓорѓиев, светски шампион во кик бокс и младиот шампион Дејан Георгиевски кој лани на олимписки игри напиша спортска историја со освојување Олимписки сребрен медал во таеквондо.

Георгиевски го оствари најголемиот успех на ОИ од осамостојувањето на Македонија/ фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Тоа навистина е голема гордост за нашиот народ и за сите во државата. Сите сме родени овде, јадеме македонски леб, тренираме овде, тука учевме, со еден збор на ова мало парче земја почнавме со спорт и дадовме се од себе, се боревме со срцето на лавот и не е ништо случајно што донесовме многу светски медали. Се боревме со голема желба за победа, за народот и татковината да се радуваат со наши победи и на Медитеранските игри. Јас сум оптимист и сигурен дека последните денови на медитеранските игри Дејан Георгиевски ќе дава се од себе за да го израдува народот со медал. Ајде шампионе Дејан Георгиевски, дај го својот максимум, бори се до последниот атом да освоиш златен медитерански медал – стои во објавата на Шабан Трстена на „Фејсбук“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот