Тројца добитници на Нобеловата награда за економија (ВИДЕО)

фото: Принтскрин

На економистите Абиџит Банерџи, Естер Дуфло и Мајкл Кремер им е доделена Нобеловата награда за економија за оваа година и за „нивниот експериментален пристап кон намалувањето на сиромаштијата на глобално ниво“ – објави денес Кралската академија на науките во Стокхолм.

– Годинашните лауреати воведоа нов пристап за добивање сигурни одговори за најдобрите начини за борба против глобалната сиромаштија – велат членовите на Академијата.

– На кратко, ова подразбира поделба на ова прашање на помали, поефективни теми, како што се кои се најефикасните интервенции за подобрување на образованието или здравјето на детето“, се наведува во официјалното соопштение од Шведската кралска академија.

Наградуваните економисти објавија дека овие помали, попрецизни прашања честопати можат најдобро да се одговорат преку внимателни експерименти меѓу луѓето кои се најтешко погодени од ефектите од сиромаштијата.

И покрај неодамнешните драматични подобрувања, едно од најгорчливите проблеми на човештвото е намалување на глобалната сиромаштија во сите нејзини форми, велат од Академијата.

– Повеќе од 700 милиони луѓе сè уште живеат со екстремно ниски приходи, а секоја година околу пет милиони деца на возраст под пет години и натаму умираат од болести кои честопати можат да се спречат или излечат со евтини третмани – се вели во соопштението на Академијата.

Банерџи и Дуфло се професори на Технолошкиот институт во Масачусетс, додека Кремер е професор на универзитетот Харвард. Дуфло е само втората жена во историјата што ја добива Нобеловата награда за економија и исто така е најмладата добитничка на оваа престижна награда досега.

Минатата година Нобелова награда за економија им припадна на американските економисти Вилијам Нордхаус и Пол Ромеро. Нордхаус ја доби наградата за својата работа од областа на „климатската економија“, односно влијанието на климатските промени врз економиите, и Ромер за ендогената теорија на растот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот