Тројцата пациенти на кои за првпат им беше изведена радиофреквентна абалација се во добра состојба, денеска си одат дома

Тројцата пациенти на кои вчера им беше изведена радиофреквентна абалација, за првпат на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија, се во добра состојба и денеска ќе си одат дома, информира за „Утрински брифинг“ директорката на Клиниката, д-р Калина Гривчева-Старделова.

Оваа метода се изведува кај пациенти кои страдаат од Баретов езофагус. Ова заболување се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот која доколку соодветно не се третира може во одреден процент да доведе до карцином  на хранопровод. 

– Многу сум среќна што почнавме со методата која им помага на пациентите кои имаат оштетен хранопровод да не добијат карцином на истиот. Оваа метода се прави кај пациенти кои и покрај дадената терапија имаат Баретов хранопровод. Пациентите кои имаат тежок степен на оштетување добиваат посилна терапија, по што ги контролираме со биопсија. Во случај да нема подобрување тие се идеални кандидати за оваа метода, затоа што пациентите кои се долго време изложени на промената која настанала поради оштета на хранопроводот, можно е да добијат уште полоша дијагноза. Воведувањето на оваа метода е од големо олеснување за пациентите, но и заштеда за ФЗОМ, кој за една операција во Италија плаќал околу 15. 000 евра, објаснува д-р Старделова.

Таа вели дека операцијата се изведува за десетина минути. Со два типа на сонди, циркуларна и аголна, се дува балонче со вода и се гори оштетувањето. Потоа се лупи изгореното, по што пациентите добиваат терапија за побрзо да поминат симптомите од лупењето, а лигавицата побрзо да се опорави. По четири недели се прави задолжителна контрола за да се знае дали има потреба да се повтори интервенцијата.

Радиофреквентна абалација се прави во Србија, Хрватска, додека во Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија нема таква можност, поради што очекуваме во иднина нашата клиника да стане регионален центар за изведување на оваа интервенција, посочува д-р Старделова. 

– Сите ние кога одиме на конгрес имаме можност да влегуваме во ендоскопските соби каде што се прави обука. Но, овој тип на метода не побарува ние да отидеме некаде во странство, доволно беше што дојде нашиот колега од Италија, Иво Бошкоски и ги провери нашите знаења. Утре имаме обука за одредување на 24-часовна пехаметрија, која и порано ја работевме но поради промена на апаратурата неопходна е и обука. Исто така имаме и обука за импеданца за следење на движењето на хранопроводот, додава д-р Старделова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот