Третото место за Металург на турнирот во Струга

фото: facebook.com/ihtstruga/

Денеска во малото финале екипата на Металург успеа да го совлада составот на Охрид со резултат 31:26.

После првите 30 минути играчите на тренерот Зоран Кастратовиќ имаа предност од два голови разлика (15:13).

Видовме еден солиден натпревар во кој двете екипи беа рамноправни во првите 20 минути, после кои Металург целосно ја презеде иницијативата и стигна до сигурна победа.

Металург прв поведе, со голот на расположениот Хорват. Но, во првите десетина минути составот на Кастратовиќ имаше проблем со реализацијата и противникот ја искористи својата шанса и изненадувачки поведе со 5:1, во 10. минута. Но, кризата набрзо беше надмината и Металург постепено ја намали разликата, а во 28 минута повторно го презеде водството, кое потоа го задржа до самиот крај.

На почетокот на вториот дел Охрид со два брзи гола го израмни резултатот, но тоа беше краткотраен успех на екипата на Раде Стојановиќ, бидејќи Металург врати со серија од 4:0, за веќе убедливи 15:19. До крајот на средбата разликата на скопскиот клуб се одржуваше од пет до максимални седум гола предност.

Најдобри стрелци во победничките редови беа Канкараш со осум и Хорват со седум погодоци.

Тимот од „Автокоманда“ кој се подготвува за настапот во квалификациите на Лига Европа, на турнирот имаше учинок од три победи и еден пораз.

На последниот ден од турнирот во борбата за седмото место Еурофарм Пелистер 2 беше подобар од Струга (23:21), а на петтата позиција се најде Бутел со триумфот над Прилеп (25:23).

Од 21.15 часот е големото финале помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер кои досега имаа по три максимални победи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот