Трета среќа за Козара: Ќе биде ли успешно најновото асфалтирање на улицата?

Фото: Слободен печат

Жителите на улицата Козара во Капиштец за една година третпат мора да трпат механизација на нивната улица, бучава и смрдеа на асфалт, затоа што таму во моментов се врши подготовка за ново асфалтирање, откако претходните две беа неуспешни.

Реконструкцијата на улицата започна на крајот од јули 2022 година и ја изведуваше компанијата „Гама градба“. Улицата навистина беше во катастрофална состојба, со дупки и многу оштетен асфалт поради постојаните копања и прекопувања за поставувања инсталации, но и поради тешките товарни возила и механизација што се движеа по улицата, затоа што на Козара во изминативе години интензивно се градат нови објекти.

Но, градежните работи не се одвиваа како што се планираше. По првото асфалтирање беа затрупани сливниците и шахтите со асфалт, а шахтите останаа издигнати над асфалтот. После второто асфалтирање на штотуку изведениот нов коловоз се појавија оштетувања веднаш после првиот пообилен дожд. Дали третиот градежен зафат ќе биде поуспешен од првите два, времето ќе покаже.

Во февруари истата фирма започна да ја реконструира и улицата Ленинова, на потегот од булеварот Партизански одреди до булеварот Митрополит Теодосија Гологанов. Веднаш штом започна обновата на Ленинова, побаравме одговор дали ќе се чека „Гама градба“ да ги заврши работите на оваа улица, па да се врати на Козара. Оттаму ни одговорија дека фирмата паралелно ќе работи на двете улици, но тоа не се случи.

Реконструкцијата на Ленинова заврши минатиот месец и механизацијата и градежниците на  „Гама градба“ деновиве повторно се вратија на Козара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот