Трамп влегува со победа во „Супер вторникот“

Доналд Трамп / Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на прелиминарните избори кај Републиканците во американската сојузна држава Северна Дакота. Со тоа добива ветер во грбот пред денешниот „Супер вторник“.

Доналд Трамп постигна уште една победа во трката за републиканска номинација за претседателските избори во САД. Тој вчеравечер (4.03) ја победи својата внатрепартиска ривалка Ники Хејли на прелиминарните избори во Северна Дакота.

Руралната сојузна американска држава е конзервативна и има околу 775.000 жители. Но, Северна Дакота нема посебно значење во трката за кандидатура. Таа има само 29 од 2.429 делегатски гласови. Сепак, победата на Трамп значи продолжување на неговата победничка серија, која накратко беше прекината минатата недела со првата победа на Хејли на прелиминарните избори. Таа имено победи во Вашингтон, кој се смета за упориште на противниците на Доналд Трамп. Инаку, Трамп и натаму важи за јасен фаворит во трката за претседателска номинација на партијата, која сега прерасна во дуел со Хејли.

Прелиминарна одлука на „Супер вторник“?

Вечерва по средноевропско време би можело да има прелиминарна одлука. На таканаречениот „Супер вторник“ во САД, Републиканците и Демократите ќе одржат прелиминарни избори во повеќе од десет сојузни држави, вклучително и Алабама, Калифорнија, Колорадо, Минесота, Северна Каролина, Тексас и Вирџинија. Таму ќе се гласа за тоа кој од кандидатите од двете партии треба да влезе во трката за претседателските избори на почетокот на ноември. Кандидатите потоа официјално се избираат на партиските конгреси што ќе се одржат на лето. Кај Демократите, актуелниот претседател Џо Бајден се смета за фактички сигурен кандидат. Во моментов сè укажува на тоа дека на изборите во ноември најверојатно повторно ќе се борат Бајден и Трамп.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот