Доналд Трамп/ Фото: Принтскрин-прес-конференција

САД ќе управуваат со Венецуела и ја преземаат нафтената индустрија на земјата

Соединетите американски држави привремено ќе „управуваат со Венецуела“ сѐ додека, како што рече, не се спроведе безбедна, уредена и разумна транзиција на власта. Во исто време, тој најави влез на американски нафтени компании во земјата и започнување со експлоатација на нафтените ресурси, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, на прес-конференција по апсењето на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро.

„Нашите нафтени компании, најголемите во светот, ќе влезат во Венецуела, ќе инвестираат милијарди долари, ќе ја обноват сериозно оштетената нафтена инфраструктура и ќе почнат да создаваат приходи за земјата“, изјави Трамп.

Тој додаде дека САД веќе се присутни на терен и дека ќе останат, „во суштина управувајќи со земјата“, додека не се создадат услови за соодветна политичка транзиција.

Трамп нагласи дека Вашингтон не сака да се повтори сценариото од минатото, во кое „доаѓа нова власт, а проблемите остануваат исти“. Засега, меѓутоа, не се познати деталите за тоа како, врз основа на кои овластувања или договори, САД планираат да имаат улога во управувањето со Венецуела за време на транзицискиот период.

Американска воена операција во Каракас

 

Американскиот претседател соопшти и дека во саботата американските сили спровеле „исклучителна воена операција“ во главниот град на Венецуела, Каракас, со цел апсење на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

Според Трамп, во операцијата била употребена „огромна американска воена моќ – од воздух, од копно и од море“, а нападот го опиша како спектакуларен, „каков што светот не видел уште од Втората светска војна“.

„Целта беше напад на силно утврдена воена тврдина во срцето на Каракас, со цел апсење на криминалци“, изјави Трамп, додавајќи дека операцијата била спроведена по негова наредба доцна синоќа и рано утринава.

„Акцијата беше изведена совршено, без грешка“

 

Трамп ја опиша акцијата како една од најкомплексните и најзначајните воени операции во последните децении, нагласувајќи дека американската војска дејствувала брзо и прецизно.

Тој соопшти дека американските сили го уапсиле Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, истакнувајќи дека „ниедна друга држава во светот не би можела да го постигне она што го постигнаа САД“.

„Сите воени капацитети на Венецуела беа неутрализирани, а нашите војници, во соработка со американските органи за спроведување на законот, успеаја да ги уапсат Мадуро и неговата сопруга во мртвата тишина на ноќта“, рече Трамп.

Според неговите зборови, поголемиот дел од Каракас бил во мрак за време на операцијата, која ја опиша како „мрачна и смртоносна“, но без жртви на американска страна.

Обвинувања и предупредување до венецуелските власти

 

Мадуро и Флорес, според Трамп, сега се соочуваат со американската правда, а против нив се подигнати обвиненија во Јужниот округ на Њујорк за „смртоносен нарко-тероризам против Соединетите Американски Држави и нивните граѓани“.

На прес-конференција одржана на Флорида, Трамп испрати и јасна порака до актуелните власти во Каракас, предупредувајќи дека САД „ги задржуваат сите воени опции“.

„Сите политички и воени актери во Венецуела мора да разберат дека она што му се случи на Мадуро може да им се случи и ним“, изјави Трамп, додавајќи дека венецуелскиот лидер е „диктатор и терорист“ кој е „конечно завршен“.

Тој откри дека постоеле подготовки и за втор бран напади во текот на ноќта од петок кон сабота, но дека тоа, според него, не било потребно.

Американските сили денеска извршија и воздушни напади врз цели во Венецуела, а во операцијата за апсење на Мадуро учествувала и елитната специјална единица на американската војска – Делта Форс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот