Фото: Bonnie Cash - Pool via CNP / Zuma Press / Profimedia

Трамп потпиша марихуаната да не се вбројува меѓу најопасните дроги, републиканци се бунат: „Ова не ја прави Америка повторно голема“

Поранешниот заменик-директор на ДЕА, Џек Рајли, вели дека иако борбата против дрогата е прашање на национална безбедност, а дека прекласификацијата на марихуаната испраќа контрадикторна порака – додека Доналд Трамп жестоко дејствува против фентанилот и кокаинот, истовремено ги олабавува правилата за друга дрога.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четвртокот потпиша извршна наредба со која може да се прекласифицира марихуаната како помалку опасна дрога и да се отворат нови можности за медицински истражувања, значајна промена во федералната политика за дроги, што ја приближува до пристапот што веќе го применуваат многу сојузни држави, објави „Асосиејтед прес“.

Со оваа промена, марихуаната би била тргната од сегашната класификација како дрога од Список I, каде што се наоѓа заедно со хероинот и со ЛСД. Наместо тоа, канабисот би бил прекласифициран во Список 3 – истата категорија во која спаѓаат кетаминот и некои анаболни стероиди.

Прекласификацијата од страна на Администрацијата за борба против дрогата (ДЕА) не би значела легализација на рекреативната употреба на марихуана на национално ниво, но би можела да го смени начинот на нејзино регулирање и да го намали големиот даночен товар врз индустријата за канабис.

Републиканскиот претседател изјави дека добил огромен број повици со поддршка за ваквиот чекор, особено поради неговиот потенцијал да им помогне на пациентите.

„Имаме луѓе кои ме молат да го направам ова. Луѓе кои трпат големи болки,“ рече Трамп.

Медицинската марихуана моментално е дозволена во 40 сојузни држави и во Вашингтон, а многу држави ја легализираа и рекреативната употреба. Сепак, федералните закони останаа построги, што ги остава корисниците изложени на можни федерални кривични постапки.

Министерството за правда под водство на демократскиот претходник на Трамп, Џо Бајден, претходно предложи марихуаната да се прекласифицира во Список 3. За разлика од Бајден, Трамп немаше широка поддршка од сопствената партија за ваквиот потег. Некои републиканци јавно се спротивставија и побараа да се задржат постојните правила.

Ваквата промена обично бара долг и сложен процес, вклучително и јавна расправа, во која досега се доставени десетици илјади мислења од целата земја. Процесот сè уште бил во тек кога Трамп стапи на функцијата во јануари. Со извршната наредба, тој побара постапката да се забрза колку што дозволува законот, иако точниот рок не е познат.

„Америка вака нема повторно да биде голема“

Анкетите на „Галуп“ покажуваат дека Американците во голема мера поддржуваат пофлексибилен пристап: поддршката за легализација на марихуаната пораснала од 36 отсто во 2005 година на 64 отсто годинава. Сепак, тоа претставува благ пад во однос на пред неколку години, главно поради намалена поддршка меѓу републиканците.

Сепак, промените не се прифатени од сите. Повеќе од 20 републикански сенатори, меѓу кои и блиски сојузници на Трамп, претходно потпишаа писмо со кое го повикаа претседателот да ја задржи марихуаната во Список 1.

„Се угушивме од марихуаната“: Комшија чади преку аспиратор во Кисела Вода, станарите не знаат кој е

Групата, предводена од сенаторот од Северна Каролина, Тед Бад, тврди дека марихуаната и понатаму е опасна и дека прекласификацијата би ги „поткопала вашите силни напори да ја направите Америка повторно голема“. Тие исто така наведоа дека марихуаната негативно влијае врз физичкото и менталното здравје, како и врз безбедноста во сообраќајот и на работното место.

„Единствените победници од оваа промена ќе бидат лоши актери како комунистичка Кина, додека Американците ќе ја платат цената,“ се наведува во писмото, алудирајќи на улогата на Кина на глобалниот пазар на канабис.

Во почетокот на вториот мандат на Трамп, Министерството за правда покажало мал интерес за прашањето на прекласификацијата, која наишла на силен отпор и во рамки на ДЕА  за време на администрацијата на Бајден, според поранешен американски функционер кој зборувал анонимно.

Трамп, пак, ја истакна борбата против други дроги – особено фентанилот – како приоритет во вториот мандат, наредувајќи и воени акции против пловни објекти за кои администрацијата тврди дека пренесуваат дрога. Тој потпиша и извршна наредба со која фентанилот го прогласи за оружје за масовно уништување.

„Удира по бродови поради кокаин, а олеснува ограничувања за марихуана“

Поранешниот заменик-директор на ДЕА, Џек Рајли, ја поддржа борбата против дрогата како прашање на национална безбедност, но оцени дека прекласификацијата на марихуаната испраќа спротивставена порака.

„Од една страна удира по бродови во Латинска Америка поради фентанил и кокаин, а од друга ги олеснува ограничувањата што овозможуваат поголема изложеност на дрога од прво ниво. Тоа е очигледна контрадикција,“ рече Рајли.

Противниците, како групата „Паметни пристапи кон марихуаната“, најавија тужба доколку прекласификацијата се реализира.

Од друга страна, некои активисти за легализација бараат државата да оди уште подалеку и да го третира канабисот слично како алкохолот. Трамп не се обврза на такви чекори, како декриминализација, и изјави дека на сопствените деца им советувал да не користат дроги.

Сепак, тој нагласи дека „фактите го обврзуваат“ државниот апарат да признае дека марихуаната има легитимни медицински примени и дека таа веќе е дел од здравствениот систем во многу сојузни држави.

Во моментов, околу 30.000 лиценцирани здравствени работници имаат овластување да ја препорачуваат марихуаната за повеќе од 6 милиони пациенти и најмалку 15 медицински состојби, покажале анализите на американското Министерство за здравство.

Администрацијата за храна и лекови (ФДА) утврдила и веродостојни научни докази за нејзина употреба во третман на анорексија, гадење, повраќање и болка. Особено повозрасните лица ја користат за хронична болка, која погодува секој трет човек од таа возрасна група.

ВИДЕО | Најмалку четворица загинати во нов американски напад врз глисер во Пацификот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот