Трамп нема да пие бесплатен чај во Пекинг
Претседателот на САД патува во Пекинг во момент кога му треба видлив дипломатски успех, по војната со Иран и по заострените трговски односи со Кина. Средбата со Си Џинпинг треба да покаже дали Вашингтон може да извади примирје, економски договори и барем некаква кинеска улога околу Иран. Но Пекинг не влегува во разговорите како страна што мора да попушти. Напротив, Кина знае дека Трамп брза – и токму затоа секоја отстапка може да има висока цена.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, патува во Пекинг во прилично незгоден момент. Не како државник кој оди во туѓа држава за да дели ум и лекции, туку како претседател кому му треба нешто опипливо за да се пофали дома. Фотографија, договор, примирје, наслов што ќе може да се продава како победа. По војната со Иран, по трговските удари со Кина и пред изборите за Конгресот во ноември, просторот за големи зборови му е сè потесен.
Препорачано
Средбата со кинескиот колега Си Џинпинг, закажана за 14 и 15 мај, според Ројтерс, доаѓа откако Белата куќа веќе ја спушти летвичката. Од големата приказна дека царините ќе ја натераат Кина да попушти, сега фокусот е ставен врз попрактични работи: соја, говедско месо, авиони „боинг“, смирување на трговските тензии и, што е политички најчувствително, можна кинеска улога во завршување на војната со Иран.
Патување за докажување
Тоа е сериозна промена. Кога Вашингтон оди во Пекинг со потреба да извади резултат, Пекинг тоа го гледа. И не го заборава.
Трамп ја врати старата реторика уште од првиот ден: Америка била искористувана, Кина мора да плати цена, трговската рамнотежа мора да се врати. Но едно е митинг, друго е реална политика. Царините не останаа без одговор. Кина возврати со ограничувања на ретките минерали, суровини без кои тешко оди производството на електрични автомобили, високотехнолошка опрема и делови за воената индустрија.
Одеднаш, приказната не беше само дека Кина зависи од американскиот пазар, туку и дека Америка има свои слаби точки.
Тука лежи тежината на ова патување. Трамп мора да покаже дека уште ја држи сцената. Дека војната со Иран не го проголтала политички. Дека царинската офанзива не завршила само со повисоки тензии. Дека може да седне со Си и да излезе со нешто што ќе звучи како победа.
Проблемот е што Си нема причина да му даде такво нешто бесплатно.
Кина има врски со Техеран и е голем купувач на иранска нафта. Тоа ѝ дава простор да игра улога околу смирување на конфликтот. Но таквата улога има цена.
За Пекинг, на маса секогаш е Тајван. Таму не мора да има драматизирање, не мора да има потпишан документ што ќе ја смени американската политика. Доволна е мала промена во тонот, малку помека формулација, помалку остар став од Вашингтон, па да се вклучат алармите во Тајпеј и кај американските сојузници во Азија.
Тука е ризикот. Трамп бара брз резултат. Си бара простор. А кога едниот брза, другиот полесно ја пишува цената.
Висока цена
Во трговијата, очекувањата не се спектакуларни. Може да има договори. Може да има продолжување на примирјето. Може да има купување американска соја, говедско месо или авиони. Може да има и голема фотографија, со внимателно избрана сценографија и со доволно насмевки за вечерните вести.
Но суштината не исчезнува: чипови, технологии, царини, воена индустрија, Тајван. Тоа се теми што не се решаваат со една вечера.
И токму затоа оваа посета не треба да се чита само низ протокол. Големата сала на народот, официјалната вечера, прошетката, ракувањата – сето тоа е дел од претставата. Вистинскиот разговор е многу потврд: што му треба на Трамп, што може да даде Си, и колку ќе чини секој сантиметар попуштање.
За кинескиот лидер ситуацијата е поудобна. Тој не мора да брка наслови во весниците. Не мора да ја убедува домашната публика дека токму ова патување ја спасило неговата политичка кариера. Може да чека, да мери, да пушти мал сигнал на добра волја и за возврат да бара отстапка таму каде што за Пекинг најмногу боли – технологијата, царините или Тајван.
Затоа оценката дека Трамп во овој момент има поголема потреба од Кина отколку Кина од него не звучи како претерана дипломатска досетка, туку како студена пресметка.
На американскиот претседател му треба нешто што ќе го прикаже како успех: трговско примирје, купопродажни договори, кинеска помош околу Иран, барем впечаток дека хаосот е ставен под контрола.
На Си му треба помалку. Доволно му е да покаже дека Кина не се повлекла, дека го издржала притисокот и дека Вашингтон сепак мора да дојде на разговор.
Купување време
Тоа е непријатната лекција за Трамп. Заканите можат да донесат аплауз дома, но секогаш не носат отстапки во Пекинг. Особено не кога другата страна знае дека времето работи за неа.
Ако од средбата излезе само продолжено примирје, Трамп најверојатно ќе го претстави како победа. Ако се потпишат договори за земјоделски производи и авиони, Белата куќа ќе зборува за работни места и за американски извоз. Ако Кина даде каков било сигнал околу Иран, тоа ќе биде спакувано како доказ дека Трамп може да ги движи големите фигури.
Но зад таа амбалажа ќе остане едно прашање: дали Америка добила резултат, или само купила време?
Пекинг нема потреба од гласен триумф. Кина одамна игра поинаку – трпеливо, тивко, со многу калкулации и со малку театралност. Доволно е да покаже дека не клекнала под царините и дека секоја нејзина помош има цена. Во таква игра, најлошо е да дојдеш со итна потреба од успех.
Трамп токму така оди во Кина. Со силна реторика зад себе, но со поскромна реалност пред себе. И затоа ова патување може да биде претставено како пробив, но може да покаже и нешто многу понепријатно за Вашингтон: дека Пекинг веќе не мора да попушта за да изгледа моќно. Доволно е да седи на масата и да чека другиот прв да побара победа.
Илон Маск, Тим Кук и директори од Волстрит патуваат со Трамп во Кина


