Трамп не гарантира присуство на Венс на преговорите со Иран, причина биле безбедносните ризици
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека разговорите со Иран ќе се одржат во Пакистан „многу наскоро“, но дека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс можеби нема да присуствува на состанокот од безбедносни причини.
Препорачано
„Ќе ги имаме Стив Виткоф, Џаред Кушнер, а можеби и Џеј Ди, или и без него, не знам. Постои безбедносен проблем“, изјави Трамп за Њујорк пост.
Доцна во вторникот навечер беше постигнат договор за двонеделен прекин на огнот со посредство на Пакистан, во кој се предлага мировните преговори да се одржат веќе во петок, 10 април.
Администрацијата на Трамп многуверојатно го прифатила контра-предлогот на Иран од 10 точки за прекин на конфликтот како прелиминарна рамка за изградба на траен договор, иако некои од барањата се чини дека е малку веројатно да бидат финализирани, наведува американскиот медиум
Инаку, Трамп ја започна војната заедно со Израел на 28 февруари, при што Белата куќа идентификуваше четири основни цели, вклучувајќи го и прекинувањето на нуклеарната програма на Техеран, уништувањето на неговата морнарица, уништувањето на неговите производствени погони за балистички ракети и прекинувањето на поддршката за милитантните организации во регионот.
Сепак, дојде до прекин на огнот кој меѓудругото вклучуваше и договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец за меѓународниот превоз откако Иран го затвори клучниот воден пат во текот на војната.
Како што наведува „Њујорк пост“ конечното решавање на конфликтот веројатно ќе се однесува на планот на Иран да наплаќа патарини за бродовите но и да му се даде можност да продолжи да збогатува ураниум до некој степен.


