Трамп и Нетанјаху во Белата куќа / април 2025 г. / Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Трамп и Нетанјаху имале напнат разговор за Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп завчера имал напнат разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги одразил нивните различни ставови за тоа како треба да продолжи војната со Иран, изјави американски функционер за „Си-ен-ен“.

Тоа не бил нивниот прв разговор во последните денови. Кога двајцата лидери разговарале во неделата, Трамп му кажал дека најверојатно ќе продолжи со нови целни напади врз Иран на почетокот на неделата, изјавил функционерот.

Операцијата, како што претходно објави „Си-ен-ен“, се очекувало да добие ново име: „Операција Чекан“.

Но, околу 24 часа по тој првичен разговор, Трамп објави дека ги запира нападите што, според него, биле планирани за завчера, на барање на сојузниците од Заливот, меѓу кои Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Во изминатите денови, земјите од Заливот беа во близок контакт со Белата куќа и со пакистанските посредници, работејќи на рамка што би можела да овозможи продолжување на дипломатските разговори, изјави американскиот функционер и човек запознаен со ситуацијата.

— Во финалната фаза сме со Иран. Ќе видиме што ќе се случи. Или ќе имаме договор или ќе направиме некои работи што се малку непријатни. Но, се надеваме дека тоа нема да се случи — им рече Трамп на новинарите вчера утрината, зборувајќи за напорите да се постигне договор.

Тековните преговори го фрустрирале израелскиот премиер, кој долго време се залага за поагресивен пристап кон Техеран. Според функционери од администрацијата на Трамп и израелски извори, Нетанјаху тврдел дека одложувањето им оди во прилог само на Иранците.

Нетанјаху го изразил своето незадоволство во вторникот, велејќи му на Трамп дека смета оти одложувањето на очекуваните напади е грешка и дека претседателот треба да продолжи според планот, изјавил американскиот функционер.

За време на едночасовниот разговор, Нетанјаху притискал за обновување на воената акција, изјавил израелски извор запознаен со разговорот. Разликата била јасна: Трамп сака да види дали може да се постигне договор, додека, пак, Нетанјаху очекувал нешто друго, изјавил израелски функционер.

Трамп пак се пишмани — го откажа наводниот денешен напад врз Иран

Израел е фрустриран

По телефонскиот разговор, загриженоста во Израел се проширила и кај функционерите околу Нетанјаху, изјавил друг израелски извор за Си-ен-ен.

Во највисоките кругови на израелската влада постои силна желба за обновување на воената акција, посочил изворот, како и сè поголема фрустрација поради тоа што Трамп и понатаму му дозволува на Иран, како што велат тие, дипломатски да одолговлекува.

Но, фрустрацијата на Нетанјаху од американскиот пристап, особено од тоа што Трамп упатува закани, а потоа на крајот притиска пауза, не е сосема нова, изјавиле извори запознаени со нивните разговори. Американски функционери и претходно признавале дека САД и Израел имаат различни цели кога станува збор за војната.

„Тој ќе направи што и да посакам“

На прашањето што му кажал на премиерот претходната вечер, Трамп вчера сугерираше дека тој ја има контролата.

— Тој ќе направи што и да посакам од него — рече американскиот претседател.

Иако Нетанјаху притиска за обновување на воените дејства, Трамп засега ѝ дава предност на дипломатијата, тврдејќи дека преговорите со Иран се во чувствителна фаза и дека вреди да се почека уште неколку дена ако тоа може да спаси животи.

Техеран и Вашингтон, според иранското Министерство за надворешни работи, продолжуваат да разменуваат пораки преку Пакистан.

Иранската страна соопшти дека го разгледува американскиот одговор на својот предлог од 14 точки. Пакистанскиот армиски началник Асим Мунир треба да отпатува во Техеран како дел од посредничките напори.

Сепак, клучните разлики остануваат нерешени, а Трамп повтори дека воената опција сѐ уште е на маса.

Иран му испрати „испеглан“ мировен предлог на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот