Трамп пак се пишмани — го откажа наводниот денешен напад врз Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го одложува воениот напад врз Иран, планиран за денеска, на барање на земјите од Персискиот Залив, бидејќи „сега се водат сериозни преговори“, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Во објава на „Трут соушал“, тој рече дека тоа од него го побарале лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Трамп наведе дека бил информиран оти ќе биде постигнат договор што ќе биде „многу прифатлив“ за САД, додавајќи дека „нема да има нуклеарно оружје за Иран!“
Но, предупреди дека САД ќе бидат подготвени „веднаш да продолжат со целосен, голем напад врз Иран“ доколку не биде постигнат прифатлив договор.
Висок ирански воен командант ги предупреди САД да не прават повторно „стратешки грешки и погрешни пресметки“.
Одлуката доаѓа во момент кога војната со Иран станува сè понепопуларна меѓу американските гласачи, а арапските земји од Заливот стравуваат од можен ирански одговор врз нивната инфраструктура, аеродроми, енергетски постројки и водоснабдување.
Иран, пак, бара прекин на нападите, укинување на американската блокада и гаранции дека нема да има нови удари. Главен спор останува иранската нуклеарна програма, за која Западот тврди дека може да има воена цел.
Трамп повеќепати најави можни напади и му се закани на Техеран, но потоа ја омекна реториката додека сѐ уште има спорни точки поврзани со преговорите.


