Трамп: Целосен и сеопфатен трговски договор со Британија
Американскиот претседател Доналд Трамп објави нов трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство, нарекувајќи го „целосен и сеопфатен“ договор што ги зајакнува врските меѓу двете земји. Во објава на платформата Трут Сошал, американскиот претседател напиша:
Препорачано
„Договорот со Обединетото Кралство е целосен и сеопфатен и ќе ги зацврсти односите меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство во наредните години“.
Трамп го истакна „долготрајниот историски однос и сојуз“ со Лондон, опишувајќи го како „голема чест“ што Велика Британија е првата земја со која официјално е објавен нов трговски договор за време на неговото претседателствување.
Според него, другите договори се во напредна фаза на преговори и наскоро ќе бидат објавени.
Клучната дипломатска победа е тоа што договорот за царините ќе ги држи САД во добра позиција, а воедно ќе ја остави вратата отворена за договор со Европа – што би било многу позначајно економски за Велика Британија, објави Би-би-си.
Економски, овој договор со САД веројатно ќе биде релативно мал. Станува збор за намалување на дел од трговската штета предизвикана од првичната најава на Доналд Трамп.
Спротивно на тоа, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Велика Британија. Претходно британската министерка за финансии Рејчел Ривс нагласи дека приближувањето кон ЕУ во трговијата е поголем приоритет, и покрај нејзиниот моментален фокус на разговорите со САД.
-Разбирам зошто има толку голем фокус на нашите трговски односи со САД, но всушност нашите трговски односи со Европа се веројатно уште поважни, бидејќи тие се наши најблиски соседи и трговски партнери – рече таа.
Договорот веројатно ќе се фокусира на намалување на американските царини за одредени производи, како што се британскиот челик, алуминиум и автомобили, пишува Гардијан во исчекување британскиот премиер Кир Стармер да објави детали од трговскиот договор со САД.


