Традиционален рецепт за македонско макало кој го чува имунитетот

Не само што е вкусно, туку и ви го чува имунитетот. Пробајте го и уверете се сами. За сите кои се љубители на лукот, а особено за оние кои не можат да го јадат сиров, македонското макало е вистинска работа – ќе уживате во вкусот, ќе го штитите имунитетот, но и организмот од грип и други болести. Затоа, лукот се нарекува и природен антибиотик.
Макалото од лук е одличен прилог за скара, варива, печени компири… Се надополнува со разни јадења и им дава посебен шмек. Македонскиот народ обично како традиција практикува да го густира со леб натопен во макалото. Тоа е вистинско уживање!
Состојки:
– 1 главица лук
– сол по желба
– 5 големи лажици масло, а може и повеќе
– 3 големи лажици оцет
– 400 мл млака вода
– 2-3 мали лути печени пиперки
– магдонос по желба
Подготовка:
Лукот исчистете го и измијте. Ставете го во дрвен сад за пасирање (аван), а можете и во блендер. Но, многу подобар е дрвен сад бидејќи се добива посебен вкус. Додајте ја солта. Пасирајте го сѐ додека не добиете изедначена смеса како мајонез (можеби ќе трае малку подолго, но тајната е во долгото пасирање). Додадете масло и измешајте за сѐ да се изедначи. Постепено додавајте го оцетот и сѐ мешајте.
Потоа додадете млака вода и добро измешајте. Додадетеги лути пиперки и ситно сечканиот магдонос.
Напомена:
Можете да ги зголемите или намалите состојките, во зависност од вкусот. Макалото се чува во фрижидер.