Титулата не значи и поголема државна помош

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Домашните и странски компании имаат уште две недели за да се пријават на јавниот повик за утврдување статус на стратешки инвестициски проект. Новиот Закон за стратешки инвеститори стапи на сила во јануари минатата година, рокот за аплицирање завршува на 31 јануари годинава, а во него се утврдени критериумите за стекнување на оваа позиција.

Од Владата ветија дека постапката ќе се спроведува фер и транспарентно, со активно учество на стручната и поширока јавност. За стратешки проект се смета реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село. 

-Статусот на стратешки инвестиционен проект може да се утврди за проекти во енергетика со инфраструктура, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, градење големи мултифункционални градежни комплекси. По исклучок, ваков статус може да имаат и инвестиции, кои надминуваат износ од 150 милиони евра – објави Владата.

Пред крајот на минатата година беше обелоденето дека до Владата веќе пристигнале неколку барања од компании што сакаат да добијат статус на стратешки инвеститори. Јавноста доби уверување дека овие компании нема да добијат државна помош поголема од онаа што е предвидена со Законот за контрола на државната помош, како и дека законските одредби се усогласени со европските стандарди. Неофицијално, една успешна домашна компанија ќе го добие статусот на стратешки инвеститор во земјава.

– Откако ќе се разгледаат сите апликации, Комисија која е предвидена и во Законот, ќе ги потврди тие стратешки инвестиции. Потоа меѓу инвеститорите и Владата ќе се направи договор, кој со лекс специјалис закон ќе треба да биде потврден од Собранието. И кога Собранието ќе го потврди овој договор, тогаш инвестицијата дека би можела да продолжи – објаснија претходно од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот