Фото: EPA / NEIL HALL

Тинејџер меѓу уапсените за палењето на амбулантните возила на еврејската организација во Лондон

Седмумнаесетгодишно момче е меѓу уапсените поради сомнение дека го подметнал пожарот на амбулантните возила на еврејската добротворна организација, кој се случи минатата недела во Голдерс Грин, северен Лондон, пренесува Гардијан.

Како што соопшти локалната полиција, заедно со момчето се уапсени и двајца мажи, а денес биле претресувани нивните одвоени домови во источен Лондон. Двајцата повозрасни мажи се британски државјани, додека тинејџерот има двојно државјанство – британско и пакистанско.

„Сите тројца се уапсени под сомнение за подметнување пожар со намера да се загрози живот и се задржани во полициски притвор“, рекоа од полицијата.

Инцидентот со пожар се случи на улицата „Хајфилд Роуд“ во Голдерс Грин, во близина на синагогата „Махзике Хадат“, во раните утрински часови на 23 март. Возилата припаѓаа на организацијата „Хатзола Нортвест“, која обезбедува итна медицинска помош на локалната заедница.

ВИДЕО | Запалени амбулантни возила на еврејска организација во Лондон, од експлозиите уништени и зградите

Двајца мажи на возраст од 47 и 45 години, кои претходно беа уапсени во врска со нападот, беа пуштени со кауција минатиот четврток, додека продолжуваат истрагите.

„Знаеме дека загриженоста кај еврејската заедница останува висока, но се надевам дека овие апсења покажуваат дека правиме сè што можеме за да ги изведеме одговорните пред лицето на правдата“, рече Хелен Фланаган, раководител на антитерористичкото полициско одделение во полицијата и водач на истрагата.

Минатата недела, Фланаган изјави дека полицијата „има предвид дека снимките од надзорните камери укажуваат дека во инцидентот биле вклучени најмалку три лица“.

Инцидентот не е прогласен за терористички акт, но поради околностите, истрагата ја водат детективи за борба против тероризам. Полицијата претходно соопшти дека инцидентот се третира како антисемитско кривично дело од омраза.

„По нападот со подметнат пожар, воведовме засилен и прилагоден полициски план, насочен кон чувствителни подрачја не само во Голдерс Грин, туку и низ целиот Лондон“, посочи главниот инспектор Лук Вилијамс.

Според него, планот вклучува значителен број полицајци на терен, со цел заштита на заедниците, спречување на сторителите и откривање кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот