Тимот на Трамп размислува за суспендирање на уставното право на хабеас корпус за забрзување на депортациите

Администрацијата на Трамп разгледува начини за суспендирање на „habeas corpus“, правото на граѓанинот да го оспори својот притвор на суд, изјави еден од главните помошници на американскиот претседател.

Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, во петокот им изјави на новинарите дека Уставот на САД дозволува суспендирање на гарантираното право во време на „бунт или инвазија“.

„Habeas corpus“ (латински  „мора да го имате телото“) дозволува лицето да биде изведено пред судија, за да може судијата да одлучи за законитоста на неговото притворање.

Во историјата на САД, беше суспендиран четири пати: за време на Американската граѓанска војна под водство на Абрахам Линколн, на Хаваи по јапонското бомбардирање на Перл Харбор во 1941 година, на Филипините за време на американската окупација во 1905 година и за време на борбата против активностите на Кју Клукс Клан во 19 век.

Коментарите на Милер, како што забележува Би-Би-Си, доаѓаат во време кога судиите се обидоа да оспорат некои неодамнешни апсења извршени од администрацијата на Трамп во обид да се борат против нелегалната имиграција, како и да ги отстранат странските студенти дисиденти.

„Многу зависи од тоа дали судовите ќе постапат правилно или не“, рече Милер за истото прашање.

Се потсетува дека многу случаи се во тек во граѓанските судови против депортациите на нелегални имигранти од страна на американската влада врз основа на „habeaus corpus“. Иако федералните судии наредија ослободување на студентите, други застанаа на страната на владата.

Милер го нарече habeas corpus привилегија и изјави дека Конгресот веќе донел закон со кој се одзема надлежноста на судовите во случаите на имиграција.

Сепак, експертите ја доведоа во прашање исправноста на неговото толкување на американското право.

„Конгресот има овластување да го суспендира habeas corpus, не Стивен Милер, ниту претседателот“, изјави адвокатот на Демократската партија, Марк Елиас, за MSNBC.

Едно од клучните ветувања на Трамп во текот на кампањата беше депортирање на милиони имигранти од САД. Неговата администрација се обиде преку разни средства да ги забрза депортациите откако тој се врати во Белата куќа.

Самиот Трамп не го спомена суспендирањето на habeas corpus, но рече дека ќе преземе чекори за борба против забраните против неговите дејствија за депортација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот