Тијана Дапчевиќ во „Менопауза“ во Филхармонија / Фото: Милица Џаровска

Тијана Дапчевиќ ја насмеа публиката до солзи со комедијата „Менопауза“: Маж ми има помлада љубовница

Тијана Дапчевиќ преку ликот на Марина Станковиќ со својот најнов проект „Менопауза“ успеа да ги насмее присутните до солзи, соголувајќи ја својата интима, хормоните и брачниот живот во петтата деценија од животот.

Во Македонската филхармонија во Скопје во неделата се одржа нешто повеќе од обична стенд-ап комедија. Популарната Тијана Дапчевиќ преку ликот на Марина Станковиќ со својот најнов проект „Менопауза“ успеа да ги насмее присутните до солзи, соголувајќи ја својата интима, хормоните и брачниот живот во петтата деценија од животот. Низ брутално искрени изјави, таа покажа дека менопаузата не е само медицинска состојба, туку врвен комичен материјал.

Некаде кон средината на претставата, Тијана (Марина) ја насмеа публиката со своето признание за сопругот:

„Еве го мојот маж, мојот добар, нежен маж. Мојот кандидат за доживотен затвор. Знаете, мојот маж има љубовница. Многу е помлада од мене. Жена како мене кога дознава нешто вакво, не се лути. Туку прави список, како да му ги запали кошулите, вратоврските, долната облека. Таа нема да го држи за челото кога ќе повраќа пијан како мене“, вели Марина Станковиќ во комедијата, чиј текст го напиша Данило Вукотиќ, а режисер е Раде Вукотиќ.

„Менопауза“ имаше премиера во ноември лани во Белград, а потоа ги освои регионот и дијаспората.

Тијана Дапчевиќ во „Менопауза“ во Филхармонија / Фото: Милица Џаровска

Урнебесната комедија почнува со нова верзија на песната „Денес сум луда“ (Danas sam luda) од Јосипа Лисац, продолжува со гласно смеење и завршува со овации.

„Сексот со мажот стана како состанок на управен одбор. Дневен ред: Дали сме двајцата расположени? Дали ќе биде лизгаво како во реклама за воден парк или суво како во Сахара? И го знаете ли оној момент кога тој ќе сфати дека ти не си баш присутна? Па те прашува: ’Мацо, да не погрешив јас нешто?‘ А јас му велам: ’Леле дечко, не си ти… тоа е моето тело кое сега работи по принципот на ‘Виндоус’. Не е подготвено и се ресетира во три наутро!‘“, е дел од интересното сценарио во претставата.

Тијана не застана тука. Таа сликовито ја раскажа својата посета кај докторката, каде што се соочила со суровата реалност на годините.

„Отидов кај мојата докторка. Ѝ велам: ’Сестро мила, се потам како некој да ме потопил во чај за смирување и заборавил да ме извади! Срцево ми чука како да сака да излезе. Не знам зошто сум влегла во сопствената кујна. Дали да влезам во фрижидер вака да се оладам или да земам кафе?‘ А таа ми вели: ’Знаете како госпоѓо, тоа се годините‘. Годините?! Што?! Докторке, овие години што ме тепаат со чекан по глава?“

Тијана Дапчевиќ во „Менопауза“ во Филхармонија / Фото: Милица Џаровска

Посебен дел од настапот беше посветен на социјалните мрежи и на промените на телото, каде што Тијана со својот препознатлив сарказам ги „поздрави“ помладите инфлуенсерки.

„На Тикток оние инфлуенсери од по 26 години што се сончаат на Бали велат: ’Мора да се хидрирате, да пиете по три литри вода, да јадете чија семе‘. На крајот ги избришав сите мрежи и легнав во кујна на плочки, гола! Телото почна да прави нова фигура без консултација со мене. Градите тргнаа да се селат, едната на север, другата на југ! Стомакот изгледа како да сум проголтала мал сумо борач. Косата е како мојата желба за живот: сè поретка, ама се држи“.

За крај, Дапчевиќ ја сподели анегдотата за својата пријателка Милена од Црна Гора, дефинирајќи го модерниот сексуален живот на жената во менопауза.

„Милена ми вели: ’Марина, мојот секс ти е сега како внатрешна контрола: оштетен, запоставен и веќе никој не знае каде воопшто се наоѓа! Пред две недели сè подготвив, свеќи, музика, саксофон… таман да започне сè, и се сетив, сестро, дека сум заборавила да платам данок на имот! И сексот ми се изгасна исто како кандило на провев‘. Ех, тоа е реалност.“

Тијана Дапчевиќ во „Менопауза“ во Филхармонија / Фото: Милица Џаровска

Целата драма за Марина има среќен крај, кој вреди да се погледне и да се доживее.

Настапот заврши со силен аплауз, а Тијана уште еднаш покажа дека менопаузата може да биде и моќна, искрена и, пред сè, бескрајно забавна за оние што знаат да ѝ се насмеат на сопствената мака.

Втората претстава во Скопје е на 21 април во Филхармонија. На 22 април игра во Кавадарци, на 23 април во Битола за отворање на Фестивалот на монодрама, на 24-ти во Охрид, а на 25 април во Струмица. Сите настани ги организира продукција „Евентум“ и ќе се одржат во центрите за култура.

Интервју со Тијана Дапчевиќ: Со Милан се засакавме од првиот момент и тоа нѐ одржува 25 години

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот