ТФТ во драматичен финиш загуби од словенечкиот Хелиос во АБА 2 лигата
Кошаркарите на ТФТ не успеаја да ја запишат и третата победа во серија во регионалната АБА 2 лига, откако во доста изедначен натпревар во кој во најголем дел водеа, беа поразени од словенечкиот Хелиос со 83:84.
Препорачано
По почетните 10 минути во кои двете екипи не успеаја да направат некоја посериозна предност (гостите имаа минимална предност, 24:23), работите почнаа да се менуваат во втората четвртина. Домашните кошаркари заиграа доста поагресивно во одбраната. Играа на „работ на прекршок“ момците во „црно-бела“ комбинација. Можеби во одредени моменти тоа делуваше и преагресивно со оглед на тоа што противникот доби шанса да реализира доста поени од линијата за слободни фрлања.
Но ТФТ, кој беше ослабен со неиграњето на повредените Василевски и Дејвис, ја постигна целта. Се одвои на пристојна позитива, иако не поголема од шест поени, која ја креираа Говенс (11 поени), Ташовски (9) и Зафиров (8). Во тие 20 минути во кои ТФТ се стекна со „вишок“ од пет поени (41:36), иако гостите од Домжале изведоа дури 20 слободни фрлања (погодија 15).
Следуваше израмнета трета четвртина, со постојана предност на ТФТ. А слична беше сликата на теренот и во воведните минути од последната четвртина. Се чинеше дека гостинските кошаркари беа повеќе на линијата за слободни фрлања отколку да реализираат од некоја друга позиција. Добра вест за домаќините беше настапот на Гордон (рано направи четири лични грешки) во оној офанзивен дел, и сериозна помош за Говенс во фазата на нападот во решавачките моменти од мечот во СРЦ „Кале“.
Само за момент Хелиос се „врати“ и поведе со четири поени предност (71:67), во 34 минута од играта. Но серијата на Зафиров, го врати ТФТ во ново водство, (72:71). Се менуваа двете екипи во водство, а Говенс и Долничар се натпреваруваа кој ќе даде повеќе поени. На крајот, одлуката падна буквално во последните 10 секунди. Оние во кои Говенс погоди две слободни фрлања за нерешени 83:83. А во последниот напад, токму Говенс го фаулираше Долничар. Овој го погоди првото, намерно го промаши второто слободно фрлање (вкупно 39 изведено за Хелиос) за да му обезбеди триумф на словенечкиот претставник.
Пред да го направи петтиот прекршок, Говенс застана на учинок од 27 поени и седум асистенции. Зафиров, кој исто така направи пет лични грешки, реализираше 16 поени, имаше и пет скока, додека Гордон запиша 14 поени и четири скока. Во четвртото коло, кое е на распоредот на 18 ноември, ТФТ го очекува нималку лесно гостување во Широки, поранешен член на АБА лигата.


