Фото: ТФТ

ТФТ немаше среќа: Загуби во драмата со Широки, но ќе има уште една шанса за место во АБА

Кошаркарите на ТФТ не успеаја да ја освојат титулата во АБА 2 лигата, откако го загубија и вториот натпревар од финалната серија против Широки Бријег, овојпат на домашен терен со 86-87.

Скопскиот тим имаше одличен старт и уште од почетокот наметна свое темпо. Екипата предводена од Боро Смилковски беше прецизна во нападот и по првата четвртина водеше со 25-21. Во вториот период играта се израмни, одбраните доминираа, но ТФТ успеа да ја задржи контролата и на паузата замина со солидна предност од 43-35.

Во продолжението, гостите го подигнаа нивото на игра и постепено ја топеа разликата. По третата четвртина Широки се доближи на само два поени негатива (61-59), најавувајќи драматична завршница.

Во неизвесниот финиш се играше кош за кош. По неспортска лична врз Ташовски, македонскиот претставник доби шанса да се врати, реализирани беа двете слободни фрлања за 84-85, а потоа Говенс погоди за пресврт и водство од 86-85. Сепак, Широки имаше последен напад и го искористи.

Херој на гостите беше Трајс, кој со вкупно 30 поени, вклучително и решавачкиот кош на неколку секунди до крајот, донесе победа од 86-87 и му обезбеди на својот тим место во елитната АБА лига. Кај ТФТ, најефикасен беше Ентони Говенс со 23 поени, но тоа не беше доволно за триумф со кој ТФТ ќе обезбедеше мајсторка.

И покрај поразот, ТФТ сè уште има шанса за пласман во најсилното регионално натпреварување, бидејќи ќе игра бараж против Борац Чачак, тимот кој заврши претпоследен во АБА 1 оваа сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот