Тетовци со два водовода останаа жедни под Шара, неизвесно како ќе ја поминат зимата

Фото: Колаж/„Слободен печат“

Издашноста на изворите од кои Тетово се снабдува со вода за пиење е задоволителна за овој период од годината, што дава оптимизам дека зимава што следи ќе имаме доволно количини на вода за пиење, информираат од „ЈКП Тетово“.

Од двата градски водовода, стариот и новиот водоснабдителен систем во градските резервоари се влеваат над 300 литри вода во секунда, оптимално за граѓаните, но под услов да не ја злоупотребуваат водата.

Од претпријатието, велат дека нивни екипи се постојано на шарпланинскиот терен, каде вршат контроли на новиот водоснабдителен систем, кој изминативе две години се соочуваше со постојани дефекти, а градот останува без капка вода за пиење. Оттаму се надеваат дека водоводот и во текот на зимава ќе биде во добра кондиција, дефекти ќе има, но не со толку големи размери.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами вели дека е направена анализа за проблемите со новиот водоснабдителен систем, но без да прецизира колку и какви проблеми покажала таа анализа.

„Увидовме еден проблем кај новиот градски водовод и истиот беше саниран. Сега сме ние убедени дека нема да има оваа зима проблеми кај новиот водовод. Во самата анализа е утврдено дека во средината на тој водовод може да се добијат нови количини на вода и да се приклучат на тој систем, за градот да добие дополнителна издашност на чиста вода за пиење, веќе е даден налог и изготвен е проект“, рече Касами

Тој проблемите со водоснабдувањето ги лоцираше и во старата и дотраена градска водоводна мрежа, каде се губат огромни количини на вода. За решавање на овој децениски проблем, се работи на проект за изработка на физибилити студија за загубите на водата, но ќе се поставуваат и нови водомери низ градот, додаде Касами.

Во Тетово новиот водоснабдителен систем кој градот го снабдува со вода за пиење преку реките „Лешница“ и „Пења“ се градеше повеќе од две децении.

По свеченето пуштање во употреба на новиот водовод од претходната локална власт, веднаш започнаа дефектите на системот.

Поранешната градоначалничка Теута Арифи се правдаше дека водоводот е во многу ризичен терен, стрмен со ерозивни предели и затоа дефектите се неминовни.

Новата локална самоуправа пак обвинува дека нивните претходници не го изградиле водоводот по стандарди. Објавија анализа и санација на како што ги нарекоа ризичните точки на водоводод, но, сега Касами без конкретен одговор и подетални инфорации за анализата и дали воопшто се извршило некаква санација на новиот водоснабдителен систем, кој поради честите дефекти тетовци ги остава без вода за пиење, особено во летниот и зимскиот период.

Видео на денот