Тенисерите му даваат се поголема поддршка на Новак: Срамота е тоа што му се случува на Ѓоковиќ

Александер Зверев никогаш нема да каже лош збор за Новак Ѓоковиќ/ фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Новак Ѓоковиќ веќе трет ден се наоѓа во „притвор“ во Мелбурн откако австралиските власти му ја укинаа визата и му се заканува депортација, и од ден во ден добива се поголема поддршка од тенисерите.

Ѓоковиќ и неговиот адвокатски тим вложија жалба на одлуката да му биде укината визата и во понеделник федералниот суд ќе одлучи дали српскиот тенисер ќе ја брани титулата на Австралија Опен или ќе биде депортиран од земјата.

Во меѓувреме, австралиските власти и медиуми водат кампања против Ѓоковиќ, кој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинација против коронавирус која пак е услов за влез во оваа земја.

Сепак, од ден во ден се зголемува поддршката за Ѓоковиќ кој се наоѓа во хотел за мигранти каде условите се лоши. Пјер Ербер беше првиот тенисер кој најави што го чека Новак на аеродромот во Мелбурн, а потоа Ѓоковиќ доби поддршка од Тенис Сандгрен, Серхеј Стаховски, Фелисијано Лоперз, Ник Кирјос, Васек Поспишил, а изминатите часови поддршката дојде и од Џон Изнер кој имаше остра порака за австралиските власти, но и од Марин Чилиќ, Александер Зверев и од ПТПА.
„Тоа што Новак го доживува сега не е во ред. Нема оправдување за третманот кој го добива.. Ги почитуваше правилата, му беше дозволено да влезе во Австралија и сега е затворен против своја волја. Тоа е срамота, јас сум со Новак“, напиша Иснер.

Поддршка дојде и од поранешниот шампион на УС Опен, Марин Чилиќ.
– Тешко е да се каже било што во овие моменти. Дефинитивно ова не е убава слика за тенисот. Лично, тешко ми е дадам коментар бидејќи ги немаме сите информации и поради тоа не може да се зборува објективно. Австралиската влада можеме за сево ова да одлучи многу порано. Но, неверојатно е на кој начин сега се однесуваат кон него. Жал ми е за Новак, се надевам дека наскоро се ќе се реши – изјави Чилиќ.

Ситуацијата со Ѓоковиќ внимателно ја следи и асоцијацијата на професионални тенисери (ПТПА) која ја формира токму Новак заедо со Васек Поспишил. ПТПА објави дека е во постојана комуникација со Ѓоковиќ и со неговото семејство.
„ПТПА ја нагледува ситуацијата со Новак Ѓоковиќ со кого е во постојан контакт како и со неговото семејство, со претставниците на Австралија Опен и со австралиските власти. Ѓоковиќ ни потврди дека е добро и побара да му дозволиме тој самиот да ги објави фактите за тоа како е заточен“, објави ПТПА која исто така порача дека се залага и вакцинираните и невакцинираните тенисери и тенисерки рамноправно да се натпреваруваат и ќе продолжи да ги поддржува своите членови во тоа.


Германскиот тенисер, Александер Зверев исто така му даде поддршка на Ѓоковиќ.
– Ова е гран слем турнир кој Новак го освојуваше девет пати и добро би било за тенисот тој да биде тука. Но, правилата се правила и нив ги поставува австралиската влада. Никогаш нема да кажам лош збор за Новак, но не знам доволно детали за да можам да го заштитам – изјави третиот тенисер на АТП ранг листата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот