„Глумците пеат“ од 2025 година / Фотографија: Стефан Рајхл

Шоуто „Глумците пеат“ годинава е посветено на македонската музика

Музичко-сценското шоу „Глумците пеат“, кое се изведува по повод Светскиот ден на театарот, оваа година ќе се одржи на 24 и 25 март на сцената на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.

Годинава шоуто е посветено на македонската музика од различни периоди – песни што публиката ги знае, но ќе ги слушне во нова актерска интерпретација. Покрај соло изведби, на сцената ќе има и повеќе дуети и групни точки, што носат поинаква динамика и сценска енергија.

На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации – со нови имиња кои за првпат ќе бидат дел од проектот, но и со добро познатите што и досега ја кревале публиката на нозе.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

– „Глумците пеат“ не е претстава, ниту концерт, туку спој на театар и музика што им овозможува на глумците барем една вечер да бидат поинакви од она што вообичаено го работат на своите сцени. Имаме многу талентирани уметници кои со голема посветеност ги подготвуваат своите точки и едвај чекаат да ги споделат со публиката – велат организаторите.

Манифестацијата „Глумците пеат“ со години се вбројува меѓу најпосетуваните сценски случувања во овој период. Проектот продолжува како наследство на актерот Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го создаде шоуто, а подоцна беше возобновено од неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 325, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-22.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот