Текстилна работничка/ Фотографија: Профимедиа

Текстилот виси на конец, најмногу пари се вратат во автомобилскиот сектор

Од некогашните 63.000 работници во текстилниот сектор, денес има околу 19.000. Од текстилните компании велат дека работниците отишле во странските компании од автомобилската индустрија каде што добиле поголеми плати.

Текстилна индустрија ќе има во Македонија, но никогаш нема да биде како некогаш, вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија. Според него, некогашните текстилни работници во најголем дел заминале во странските компании, кои беа потпомогнати од државата и со нелојална конкуренција даваа повисоки плати. На овој начин структурата на стопанството се измени. Се стопи некогашната домашна индустрија заснована на таканареченото лон-производство што подразбираше дека материјалите и моделите доаѓаа од странство, а тука само се шиеше, а експанзија доживеа индустријата што е во служба на големите автомобилски гиганти.

Димитров вели дека од некогашните 63.000 работници во текстилниот сектор, денес има околу 19.000 и тоа околу 16.000 производители на облека и 3.000 производители на текстил.

– Производството на облека во Македонија сè повеќе ќе се намалува, ќе опстои само производство на специјална облека, некоја облека по нарачки, ќе постои изработката на перници, постелнина. Шиењето облека веќе одамна е многу поевтино во Бангладеш и на Далечниот Исток и таму се насочи производството и на европските компании. Ние веќе имаме сосема поинаква цена на трудот. На пример, јас правев анализа на трошоците во мојата компанија „Мода“, таму платите се зголемени за 270 проценти од 2024 година, додека цените на нашите производи се зголемени за 70 проценти. Ако некогаш платите учествува со 55 до 60 проценти во вкупните трошоци, сега учеството е 80 проценти. Точно, треба да има повисоки плати во државата, а тоа оди во насока на менување на структурата на стопанството и се намалува учеството на текстилната индустрија, како во бројот на вработени, така и во бруто-домашниот производ – вели Димитров.

Тој објаснува дека сега е особено тешка состојбата во текстилната индустрија поради проблемите во Германија, со која ние сме многу поврзани и со лон-производството.

– Побарувачката за облека во Германија се намалува. Има секојдневно затворање на фирми, а многу луѓе работат од дома, па не им треба да се дотеруваат и купуваат облека – тврди Ангелов, кој честопати деловно ја посетува оваа држава.

Економскиот аналитичар Абил Бауш вели дека Македонија ја загуби шансата од текстилната индустрија да направи бренд и место тоа се одлучи за лон-производство, кое зависи од големите глобални компании, кои пак се во постојана потрага на што поевтина работна сила.

– На чевли доволно е да се прочита „Мејд ин Итали“ и тоа да биде асоцијацијата за квалитет, дури и не важна компанијата што ги произведува. Ние имавме многу развиена текстилна индустрија, имавме брендови како „Астибо“, „Тетекс“, „Окитекст“… Нашите текстилни компании извезуваа, многу работеа и беа многу квалитетни. Како Италија со чевлите, Македонија можеше да биде препознатлива со облека, затоа што имавме традиција, знаење, инфраструктура. Требаше да работиме на градење домашни брендови, нови технологии и на дигитализација. Тоа требаше да биде поддржано и од државата, затоа што зборуваме за цела гранка со традиција. Така ќе опстоеше нашата текстилна индустрија. Не велам дека ќе бевме конкурентни на Виетнам или на Бангладеш, но можевме да имаме силни компании. Еве, доволно е да погледнеме што се случува во Косово. Тие имаат неколку препознатливи модни дизајнери, од кој еден со светска слава. Текстилните фирми прифатија дигитална трансформација, со свои брендови се присутни на онлајн платформи и создаваат додадена вредност во општеството – објаснува Бауш.

Тој вели дека во нашата текстилна индустрија се случи нешто неминовно во услови на раст на цените на трудот, токму поради тоа што се потпиравме на лон-производството.

– За една мала отворена економиjа е болно кога се губи цела една индустрија. Нашата текстилна индустрија значајно се намали. Прашање е со што се супституира. Голем дел од вработените отидоа во странските компании, но тоа го наметнува прашањето: Што добивме ние од тоа? Не добивме некоја додадена вредност. Тие компании донесоа технологија, но дали нешто учиме од неа? – прашува Бауш.

На списокот на 100 најголеми компании по приход што го објави Пари, на врвот по приходи и по добивка е „Џонсон Мети“, производител на катализатори за автомобилската индустрија. Во 2025 година компанијата имала приход од 1,8 милијарди евра и направила добивка од 73,1 милион евра.

Она што загрижува е што и текстилната и автомобилската индустрија во Македонија се тесно поврзани со Германија. Поради високите цени на енергијата што произлегоа од војната со Иран, Европската комисија ја преполови прогнозата за економски раст во Германија во 2026 година. Економските експерти сега очекуваат зголемување на бруто-домашниот производ од само 0,6 проценти. Наесен, предвидувањата беа за раст од 1,2 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот