„Тејст атлас“ го рангираше македонскиот мазник меѓу најдобрите светски слатки печива, иако не е сладок
Македонија повторно се најде на светската гастрономска мапа благодарение на реномираната кулинарска платформа „Тејст атлас“ (Taste Atlas), која редовно ги оценува најдобрите локални јадења од целиот свет. На најновата листа „Best Sweet Pastries in the World“, меѓу најдобрите 150 светски слатки пецива, се најде и македонскиот мазник, иако традиционално се подготвува како солено јадење. Нашиот мазник се пласираше на 114. место, што повторно го потврдува интересот на светот за балканската и македонската кујна.
Препорачано

„Тејст Атлас“ го опишува мазникот како традиционално македонско печиво препознатливо по својата спирална, завиткана форма. Се подготвува од едноставно тесто – брашно, сол, млака вода и масло, кое се тегне во тенки кори. Секоја кора се премачкува со масло, се додава фил по избор и се витка во долг, кружен ролат кој потоа се свиткува во спирала.
Иако најчести се солените варијанти со сирење, јајца, праз, спанаќ или мелено месо, „Тејст Атлас“ напоменува дека постојат и слатки верзии со рендани јаболка или тиква – варијанти поради кои јадењето се најде токму во категоријата слатки пецива.
Пред печење, мазникот традиционално се премачкува со масло и се напрскува со вода, а откако ќе се испече, повторно се попрскува и се покрива со крпа за да остане мек и воздушест. Според описот на „Тејст Атлас“, мазникот е полесен, помек и полаг од бурекот и нема крцкава кора како класичниот бурек.
Со просечна оцена од 3.9, мазникот уште еднаш го привлече вниманието на светските гурмани и ја претстави македонската кулинарска традиција во најдобро светло.
„Тејст атлас“ ги објави 30-те најдобри македонски јадења: Што да јадете во Македонија?


