Плакат за претставата „Садако сака да живее“

Театарот за деца и младинци ја подготвува претставата „Садако сака да живее“ во режија на Тамара Кучиновиќ

Театарот за деца и младинци на 13 март премиерно ќе ја изведе претставата „Садако сака да живее“, според мотиви од истоимениот роман од Карл Брукнер, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ.

Претставата „Садако сака да живее“ е сеќавање. Сеќавањето на еднo сосема обично момче за една сосема посебна личност, едно девојче. Сеќавање на Садако Сасаки. Неговата помала сестра. Садако Сасаки е вистинска личност. Родена е на 7.1.1943 година, во Хирошима. Името Садако доаѓа од јапонскиот збор Сада. Сада значи среќа. А Садако токму тоа и беше. Среќно девојче, нежно, со чисто и отворено срце, со длабоки, мудри очи. Беше мала, а голема. Мирна, а смела. Нежна, а упорна. Тврдоглава, а кротка.

Покрај неа обичниот живот изгледаше исполнет, шарен, полн со мириси. Го сакаше мирисот на цреши во цут, темно црвените размачкани на уста во лето, црешите зад увото и плукањето семки во далечина. Секој дар на животот на земјата знаеше да го искористи до крај. Секоја најмала ситница за неа беше игра. Живот.

За жал, Садако се роди токму во пикот на најголемата војна што некогаш го опустошила светот. Втората светска војна. За жал, таа душа, таа среќа, го доживеа паѓањето на атомската бомба на Хирошима на 6.8.1945 година и почина од последиците на зрачењето 10 години подоцна. За жал, таа душа, таа среќа, почина на неполни 13 години, на 25.10.1955 година.

– Претставата „Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот. Тоа е претстава/сеќавање на волјата, силата и желбата за живот. За нејзината волја. За радоста за животот во секој момент. Садако Сасаки никогаш не се откажа од животот. Во надеж дека ќе оздрави, изработи речиси 1000 жерави од хартија. Зашто таа душа, гладна за живот, до последниот момент верувала во животот, во тоа дека јапонската легенда за 1000 жерави ќе ја победи смртта. И покрај тоа што јапонската легенда за 1000 жерави не се исполни, Садако стана една од најзначајните личности на 20 век, и денес. Садако претставува главен симбол на мирот и отпорот. Затоа, ова е претстава за животот, за љубовта, за силата и волјата. Претставата е посветена на сите деца настрадани во војна. Во сите војни кои некогаш биле, и кои, за жал, ќе бидат. Садако Сасаки станува светски симбол за мир. Симбол на невиност, волја за живот и детски соништа за посветла иднина кои не стивнуваат ни во најтешките моменти. Во надеж дека можеби, но само можеби, еден ден нејзиниот глас ќе стигне таму каде што треба. Сеќавањето на Садако е сеќавање на мирот. Без преголема претенциозност, претставата „Садако сака да живее“ сака да го шири тоа сеќавање. Сеќавање на една сосема нежна среќа. На девојче. Мало, а големо. Обично, а важно. Садако – стои во режисерската белешка за претставата.

Во претставата играат Анастасија Ласовска како Садако, Никола Наковски (Шигео), Ана Левајковиќ-Бошков (Мајката), Катарина Илиевска-Силјановска (Таткото), Изабела Новотни (Бабата) и Марија Ѓорѓијовска (Господин Војна / Госпоѓа Леукемија).

Во уметничката екипа на режисерката Кучиновиќ се сценографот Давор Молнар, костимографот Зденка Лацина, на обликување на куклите работи Кирил Василев, музиката е на Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ, додека преведувач и драматуршки соработник е Драгана Лукан-Николоски. Инспициент е Ѓуро Дракулоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 323, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот