Танц-перформансот „Лиминално тело“ на кореографката Ивана Балабанова ќе има премиера во МКЦ

Фотографија: Битрикс

Во просториите на МКЦ – Скопје на 10 јули (понеделник) премиерно ќе биде изведен танцовиот перформанс „Лиминално тело“ на кореографката Ивана Балабанова.

Кореографката го користи концептот на лиминалност како почетна точка преку која таа се обидува да ја прикаже емотивната состојба на модерениот човек, човек кој живее на работ, во постојана трансформација, кој бара внатрешна и надворешна транзиција за да преживее.

Таа ја анализира „лиминалноста“ како „современа човечка состојба и постулат за денешното постоење. Лиминалното тело повеќе не може органски и физиолошки да ја поднесе хиперпродукцијата на светот и бара нов одговор. За да се спаси од болест, од уништување, не бара да биде вечно, туку да биде неугнетено. Ја бара својата слобода од културните ограничувања, од општественото условување, од капиталистичкото ропство. Притоа, овој концепт еродиран од личниот интерес, се протега и до неговите општествени репрезентации“.

Замислен како експериментален перформанс, каде што се игра помеѓу познатото и непознатото, помеѓу очекуваното и неочекуваното, бучава и тишина, хаос и мир, помеѓу густина и динамика на разни текстури, овој перформанс го разделкува емотивниот спектрум и го поместува срцевиот ритам.

Фотографија: Битрикс

Перформансот во својот интердисциплинарен пристап ги обединува јазиците на танцот и театарот носејќи на сцената свежина со еден нов израз. Лиминалноста на тело ќе го доживееме преку движењата на танчарите: Сара Цветковска, Дејан Битровски, Илина Костовска, Тереза Лазаров, Стефани Шааршмит (Германија/С. Македонија) и Џун Елис Мах (Германија), а експерименталниот концепт се надополнува со современиот музички израз на композиторот Алесандро Ола, како и сценографските и светлосни решенија на сценографот Мартин Манев и светло-дизајнерот Игор Митревски.

Перформансот се реализира во рамките на проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ спроведен од „Битрикс Културен Центар“ преку „Платформа Битрикс“, во соработка со Младински културен центар и КСП „Центар-Јадро“, и е поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија (Swiss Agency for Development and Cooperation – SDC), а благодарение на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Перформансот на 12 јули ќе гостува во театарот Гнилане во Косово, додека на 15 јули публиката ќе има можност да го погледне во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 186, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот