Така работи Перез: Реал Мадрид на чекор од комплетирање финансиски подвиг од 300 милиони евра
Реал Мадрид вчера го доживеа и петтиот пораз во последните шест „Ел Класика“ против Барселона, но и покрај неуспехот во финалето, „кралевите“ имаат причина за дополнително задоволство. Освен солидната сума што ја инкасираа само со настапот, мадридскиот гигант е пред финализирање на еден од најголемите финансиски договори во својата историја.
Препорачано
Како што открива Хозе Феликс Дијаз, директор на мадридскиот „АС“, Реал е на чекор да ги обнови главните спонзорски договори со „Флај Емирати“, „Адидас“ и „ХП“. Најитно е продолжувањето на соработката со „Флај Емирати“, кој е главен спонзор на фудбалската и кошаркарската екипа на клубот.
Актуелниот договор со авиокомпанијата истекува на 30 јуни, а во моментов тие му исплаќаат на Реал меѓу 70 и 80 милиони евра по сезона за логото на предниот дел од дресот. Со новиот договор, таа сума за првпат ќе ја надмине границата од 100 милиони евра годишно, што ќе го позиционира Реал на самиот врв на спортското спонзорство.
🚨 JUST IN: Real Madrid’s goal is to exceed €300 million per season from their shirt sponsorships. @diarioas 💰 pic.twitter.com/fMvrLREiER
— Madrid Zone (@theMadridZone) January 11, 2026
И „Адидас“ планира да го зголеми својот финансиски влог, а германскиот спортски бренд моментално му плаќа на Реал околу 120 милиони евра по сезона за носење на нивната опрема.
Третиот значаен партнер е „ХП“, чие лого се наоѓа на ракавите на дресовите, а се очекува и оваа компанија да го зголеми својот спонзорски придонес во новиот договорен циклус.
Кога ќе се соберат сите бројки, Реал Мадрид би можел да достигне вкупен приход од околу 300 милиони евра по сезона само од рекламирање на дресовите.


