Тајланд и Камбоџа си дадоа нова шанса: земјите почнаа преговори за примирје по крвавите судири
Воени претставници на Тајланд и Камбоџа во средата започнаа разговори, соопштија двете земји, неколку дена откако соседите се согласија да разговараат за обновување на примирјето по 16 дена жестоки гранични судири во кои загинаа најмалку 86 луѓе, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Разговорите се одржуваат два дена по специјалниот состанок во Куала Лумпур на министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Азија, свикан со цел да се спаси примирјето што претходно беше посредувано од Малезија, како актуелен претседавач со АСЕАН, и од американскиот претседател Доналд Трамп, по претходниот бран судири во јули.
Портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, Сурасант Конгсири, изјави дека состанокот на Заедничкиот граничен комитет ќе трае три дена и дека би можел да отвори пат кон постигнување договор.
Разговорите се одржаа на граничен премин во јужниот дел од заедничката граница долга 817 километри.
„Доколку состанокот на секретаријатот помине успешно и доведе до договор, тогаш на 27 декември ќе се одржи состанок меѓу министрите за одбрана на двете земји,“ изјави Сурасант за новинарите.
Портпаролката на камбоџанското Министерство за одбрана, Мали Сочеата, соопшти дека разговорите започнале во 16:30 часот по локално време (09:30 по Гринич), предводени од генерали од двете страни.
Околу милион раселени лица во Камбоџа и Тајланд поради непријателства
Оваа средба претставува најзначаен чекор откако повторно избувнаа борбите и следува по одделни, но неуспешни напори на Малезија, Кина и САД да ги доведат двете земји на преговарачка маса.
Камбоџа и Тајланд меѓусебно се обвинуваат за агресија и за кршење на засиленото примирје, постигнато во октомври во Малезија во присуство на Трамп, со кое двете страни се обврзаа на деминирање и на повлекување на трупи и тешко вооружување од области околу кои со децении постои жесток спор за суверенитет.
Во пресрет на разговорите во средата, судирите продолжија, при што двете страни се бореа на повеќе точки од почетокот на декември – од шумските подрачја во близина на Лаос, па сè до крајбрежните провинции долж Тајландскиот Залив.
Според националните власти, во Камбоџа најмалку 21 цивил е убиен од почетокот на борбите, а повеќе од половина милион луѓе се раселени. Во Тајланд, загинале најмалку 65 луѓе, додека над 150.000 луѓе биле евакуирани од своите домови.
Министерството за одбрана на Камбоџа во средата го обвини Тајланд дека користел борбени авиони за фрлање бомби врз пограничната провинција Бантеј Менчеј, опишувајќи ги дејствијата како „брутални“ и недискриминирачки.
Од друга страна, пак, Тајланд соопшти дека соседната земја и понатаму истрелувала тешко оружје врз цивилни подрачја во провинцијата Са Каео, поради што тајландските сили возвратиле со оган.


