Вакцинирање дете / Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

СЗО: Нова анализа потврдува дека вакцините не предизвикуваат аутизам

Комитетот за безбедност на вакцините на Светската здравствена организација (СЗО) вчера објави дека најновите прегледи на научните докази повторно потврдуваат дека не постои врска помеѓу вакцините и нарушувањата од спектарот на аутизам.

Глобалниот советодавен комитет на СЗО за безбедност на вакцините анализирал два систематски прегледи што опфаќаат студии објавени помеѓу 2010 и август 2025 година, пренесе Ројтерс.

Прегледите ги опфатиле вакцините општо, како и вакцините што содржат тиомерсал, конзерванс базиран на жива, кој со години е цел на неосновани тврдења дека придонесува за аутизам.

Според комитетот, причинско-последичната врска се разгледува само кога повеќе висококвалитетни студии доследно покажуваат статистички значајна поврзаност.

Меѓу 31 анализирана студија, 20 не пронашле никакви докази за поврзаноста на вакцините со аутизмот. Останатите 11 студии, што сугерирале можна врска, биле оценети како методолошки слаби, со висок ризик од пристрасност.

Соопштението на СЗО доаѓа откако американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди помладиот, минатиот месец изјавил за „Њујорк тајмс“ дека му наложил на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) да го преиспита својот долгогодишен став дека вакцините не предизвикуваат аутизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот