СЗО: Контактот „кожа на кожа“ помага во преживувањето на предвреме родените бебиња

Бебе со мајка породување
Илустративна фотографија на бебе со мајка / Фото: Pexels

На бебињата родени предвреме или со екстремно ниска родилна тежина треба да им се пружи таканаречената кенгурска нега или методот „кожа на кожа“ со мајката наместо веднаш по раѓањето да се стават во инкубатор со цел зголемување на нивните изгледи за преживување, објави Светската здравствена организација (СЗО).

Новите упатства на СЗО за кенгурска нега покажуваат значително отстапување од сегашните протоколи поврзани со предвремено родени бебиња, како и од претходните совети на оваа здравствена агенција на ОН.

Насоките се исклучително важни во случај на породувањата што се случуваат во делови од светот со полош пристап до технологија и немаат сигурен пристап до електрична енергија, се вели во соопштението на СЗО.

„Овие насоки укажуваат на тоа дека најдобриот исход за недоносените доенчиња не може секогаш да зависи од најнапредните решенија“, рекол генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.
Тие се однесуваат на сите новороденчиња родени пред 37-та недела од бременоста или доенчиња со тежина помала од 2,5 килограми, со исклучок на бебињата на кои им е потребна поддршка при дишење, механичка вентилација или се во состојба на шок.

Методот „кожа на кожа“, или таканаречената кенгурска нега, се состои од завиткување на предвремено родени или екстремно мали новородени во специјална марама што ја носи негувателката, обично мајката, наместо да се одвои од родителите веднаш по раѓањето заради пружање нега и грижа. Предвремено родените бебиња често немаат доволно телесни масти, поради што може да имаат проблеми со регулација на температурата или со дишењето.

Според претходните медицински препораки, бебињата биле сместувани во инкубатор веднаш по раѓањето, со цел да се стабилизира нивната состојба, а тоа, потсетува СЗО, обично траело меѓу три и седум дена. Но, најновите истражувања покажуваат дека примената на кенгурска нега и поттикнувањето на доењето веднаш по раѓањето, наместо откако бебето ќе се стабилизира по излегувањето од инкубаторот, може да спаси и до 150.000 животи годишно.

СЗО смета дека, со оглед на резултатите од истражувањето, треба да се преиспита начинот на нега за предвремено родените бебиња и да им се помогне на членовите на семејството да бидат со новороденчето. Агенцијата на ОН потсетува дека методот „кожа на кожа“ што е можно поскоро по породувањето е веќе златен стандард за здрави бебиња родени во термин.

Во светот, предвреме се раѓа секое десетто бебе или околу 15 милиони новороденчиња годишно, а 20 милиони од нив имаат мала породилна тежина. Водечка причина за смрт кај децата помлади под пет години се предвремено родени бебиња со исклучително мала родилна тежина и неразвиени органи.

Контактот „кожа на кожа“ помеѓу мајката и новороденчето, т. е. методот за кенгурска нега, првпат почнал да се применува во Богота во 1983 година кај предвремено родените бебиња.

Неонатолозите Едгар Реј и Хектор Мартинез прибегнале кон овој метод бидејќи имале ограничени ресурси, проблеми со снабдувањето со електрична енергија и несигурна опрема. Бидејќи методот се покажал како многу ефикасен, почнал да се практикува во многубројни медицински установи.

Лекарите откриле дека овој моќен контакт „кожа на кожа“ не само што им овозможува на мајките порано да ја напуштат болницата, туку заклучиле дека стапката на смртност кај новороденчињата паднала од 70 на 30 отсто. Денес, овој пристап го препорачуваат и лекарите во поразвиените земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот