„Свиревме беспари како деца и ја градевме куќата на Есма која сега се распаѓа“: Исповед на музичарот Симеон Атанасов
Емотивен спомен на кралицата на ромската и на македонската песна Есма Реџепова – Теодосиевска се појави на Фејсбук.
Препорачано
Сликата е стара 24 години, а ја објави манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“.
„На денешен ден, 13 февруари 2002, се одржа петтата ‘Златна Бубамара на популарноста’. Се гледаме на 26 февруари на 29. издание на ‘Златна бубамара на популарноста“, стои во објавата.
На дел од сликите е и Есма која настапи во Универзалната сала таа година. Реџепова почина во Скопје на 11 декември во 2016 во Скопје, на 73 години.
Едно од 47-те деца кои ги одгледаа легендарната Есма Реџепова – Теодосиевска и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски е музичарот Симеон Атанасов, кој настапуваше со Есма и беше нејзин менаџер.
Во повеќе наврати, тој има изјавено дека му е жал што пропаѓа спомен-куќата на неговите покојни родители, а во едно гостување во емисијата „Бекстејџ“ ја раскажа целата ситуација.
„Јас кога доаѓам тука се ежам, морам тоа да го кажам, бидејќи во оваа куќа имам огромни спомени, уште кога се вративме од Белград, 1990-тата година, уште од темелите, точно знаев што треба да биде тука, и како треба да изгледа.
Сето тоа изгледа убаво, се градеше, иако пред тоа имавме некои компликации, горе на Водно тоа не се дозволи да се изгради, и тука почна да се гради. Почна добро да се гради, патувавме многу, одевме на многу турнеи.
Јас многу пати викам, многу пати сме работеле ние сите деца без хонорари, за да може ова да се изгради, да остане еден спомен, дом, еден музеј, сето она што Есма и Стево го работеа како брачен пар, и за да можат идните генерации да дојдат и да го видат сето она што сме го работеле.
И секако ние како деца, од мали нозе сме работеле, за да може ова да остане еден ден. Но, за жал, еве што се случува.
Јас сè повеќе се разочарувам и губам надеж, но ете, се борам колку можам, да остане тој спомен на Есма и на Стево“, изјави Симеон Атанасов кој во 2022 се пресели во Австрија со семејството.


