Свиреше гитара со забите и јазикот за да заведува девојки: Џими Хендрикс беше семеен човек кога не настапуваше

Фото: Profimedia

Ретко кога гитарист ќе доживее таква слава, па неговото име и лик ќе се преточат и во поп-културата. Некогаш беше бог на рокенролот, а денес Џими Хендрикс е лик во видео играта „Guitar Hero World Tour“, а уште во 1995 година  добил своја машина во казино во Лас Вегас. Рачката на машината е всушност копија од  електричната гитара на Хендрикс, а интересниот детаљ се трите слики од гитаристот, како добитна комбинација.

Роден е како Џони Ален Хендрикс во Сиетл на 27 ноември 1942 година, неговото детство било тешко, полно со тага и трагедија. Неговата мајка Лусил имала само 17 години кога го родила Џими. По бурната врска со неговиот татко Ал и по раѓањето на уште два сина – Леон и Џозеф, Лусил го напуштила семејството.

Хендрикс ја гледал мајка си само од време на време, а таа починала кога тој имал само 15 години. Уште тогаш се интересирал за музика, па затоа неговиот татко му ја купил првата акустична гитара за пет долари.

Фото: David Magnus / Shutterstock Editorial / Profimedia

Кога видел дека неговиот син е целосно опседнат со свирење, една година подоцна му ја купил првата електрична гитара. Тоа беше „Супро Озарк“, но наменета за десничари, поради тоа Џими морал да свири наопаку.

Му се смачило од училиштето и почнал да бега од настава, за да може да свири гитара, а потоа во 1959 година дефинитивно го напуштил средното училиште и преживувал работејќи привремени работи.

Менувал бендови, а влегол и во проблеми со законот поради кражби на автомобили. Конечно, за да го избегне затворот, тој се пријавил во војска во 1961 година, по совет на неговиот татко, кој исто така служел во армијата на САД. Хендрикс почнал да тренира како падобранец и во тоа време го формирал својот првт бенд „Кинг кежуалс“ („King Casuals“).

Тој поминал една година во униформа, а потоа бил чесно отпуштен во 1962 година, откако го повредил коленото при скок. Назад во цивилниот живот, овој пат со искуството од воената служба, Хендрикс ги прекинал своите детски пакости.

Фото: Photoshot / Avalon / Profimedia

Тој го нашол својот пријател, басистот Били Кокс, кој го запознал во војската и почнал да свири музика од други уметници под името Џими Џејмс. Ја свиреле музиката на Џеки Вилсон и Сем Кук, а го проширил својот репертоар свирејќи ги и Литл Ричард и Браќата Исли.

Потоа го основал својот бенд „Д блу флејмс“ („The ​​Blue Flames“). Во средината на 1966 година, Хендрикс настапувал во њујоршкото кафуле „Wha?.“ Во тој период Чес Чендлер, басистот на мегапопуларниот британски бенд „Д Енималс“ („The ​​Animals“), случајно седел во публиката слушајќи го, а останатото е историја.

Чендлер и Хендрикс потпишале договор и тој му станал негов менаџер. Го убедил да отиде во Лондон и таму го споил со басистот Ноел Рединг и тапанарот Мич Мичел за да го формираат бендот „Џими Хендрикс експириенс“ („The Jimi Hendrix Experience“). Првиот албум објавен една година подоцна содржеше две песни – „Are You Experienced“ и денешната евергрин „Hey Joe“.

Настапувајќи во Англија, Хендрикс веднаш стекнал прилично голем број обожаватели, меѓу веќе големите британски рок ѕвезди – „Битлси“, „Ролинг Стоунс“, „Д ху“ и Ерик Клептон. Сите тие не можеа а да не се воодушеват на техниката на свирење гитара на Хендрикс и уникатниот звук што тој го произведуваше. Но, освен што свиреше „диво“ на гитарата, Хендрикс ја сакаше театралноста, го сакаше шоуто на сцената.

Фото: Miki Slingsby / Shutterstock Editorial / Profimedia

Лондон не беше толку тесноград како американската сцена во тоа време. Сакаше посебни луѓе, а Хендрикс беше токму таков и на сцената. Свиреше на гитара со забите, со јазикот, свиреше зад грб…

Иако никогаш не се оженил, многу убави жени паднале на неговиот шарм. Првата која ѝ беше позната на јавноста беше Бети Џин Морган, чие име беше рачно напишано на една од неговите гитари. Нивната врска не траеше долго, бидејќи Хендрикс се приклучи на војската за време на нивната романса.

Во 1964 година бил со извесна Феј додека живеел во Харлем, а потоа се зближил со поранешната девојка на Кит Ричардс, Линда Кит.

Се верува дека Хендрикс има две деца. Еден од нив е шведскиот пејач Џејмс Сандквист, кој во 1994 година ја тужеше Фондацијата „Experience Hendrix“ и бараше дел од наследството, бидејќи шведскиот суд во 1975 година утврди дека Сандквист е легитимен син на Хендрикс.

Тамика Хендрикс, исто така, била пријавена како негово вонбрачно дете, но тестот за татковство не бил направен, а обидот на нејзината мајка да добие дел од наследството бил одбиен во 1972 година.

Додека на сцената оставаше впечаток на неприлагоден, див рокер, неговата полусестра Џени, од вториот брак на татко му, минатата година раскажала дека Џими приватно бил сосема спротивно од неговото сценско алтер-его.

Фото: DIETER KLAR / AFP / Profimedia

„Кога ќе дојдеше дома, никогаш не ја користеше гитарата. Сакаше да поминува време со семејството. Имавме семејни дружења каде што сите ќе седневме во круг во дневната соба и  му поставувавме на Џими еден куп прашања, бидејќи го немавме видено поголемиот дел од годината. Но, и кога беше отсутен, често се јавуваше дома“, се сеќава Џени.

На 11 септември 1970 година, Хендрикс го даде своето последно интервју во хотелот „Камберленд“ во Лондон за „Рекорд мирор“.  Постојано со лошо здравје, поради постојани напади на грип и исцрпеност од работа, речиси две недели по неговиот последен настап, Хендрикс беше пронајден мртов во собата на неговата девојка Моника Данеман, само два дена пред неговиот 28-ми роденден.

За смртта на Хендрикс беа изнесени разни теории. Но, најверојатно починал како последица од предозирање со алкохол и дрога. Иако бил обвинет и уапсен во Канада за користење и поседување хероин, Хендрикс тврдел дека никогаш во животот не користел хероин.

Пушел канабис, користел ЛСД и кокаин, поради што неколку пати бил приведен, но никогаш не бил затворен, бидејќи количините биле за лична употреба.

Хендрикс беше погребан на гробиштата Гринвуд во Рентон, Вашингтон. На неговиот погреб присуствуваа неговиот татко Ал, маќеата Џун, братот Леон, сестрата Џени и бабата Нора и Ноел Рединг и Мич Мичел од бендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот