светска банка
Светска банка / Фото: МИА

Светска банка: Милиони жени и млади луѓе не работат, Западен Балкан не го користи економскиот потенцијал

Западен Балкан не го користи сопствениот економски потенцијал – милиони жени и млади луѓе остануваат надвор од пазарот на трудот, што директно го забавува растот на регионот, предупредува Светска банка во најновиот извештај објавен вчера. Светската банка предупредува дека работното население, вклучувајќи ги универзитетски образованите и физичките работници, бара подобри плати и перспективи во странство.

-Парадоксот е што недостигот на работна сила се чувствува во клучните сектори, иако многу луѓе се исклучени од работната сила или едноставно се откажале од барањето работа. Извештајот, исто така, укажува на недоволно искористен капитал: жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со пречки за влез на пазарот на трудот – се наведува во извештајот на Светската банка.

Исто така понатаму стои дека:

-Доколку стапката на учество во работната сила беше иста како во споредливите земји од Европската Унија, тоа би значело дополнителни 2,8 милиони расположливо работоспособно население. Само со вклучување на повеќе жени во работната сила, годишните стапки на раст би се зголемиле за 0,35 процентни поени – стои во извештајот.

-Западен Балкан има одличен извор на неискористен талент – жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне својата економија – вели Сјаоќинг Ју, директор на Светска банка за Западен Балкан.

Во извештајот, исто така, се наведува дека економскиот раст на земјите од Западен Балкан ќе остане пригушен во текот на 2026 и 2027 година, под влијание на последиците од конфликтот на Блискиот Исток, постојаната инфлација и продлабочувањето на неизвесноста.

Светска банка за годинава прогнозира раст на македонската економија од 2,9 проценти

Се додава дека прогнозите од Редовниот економски извештај за Западен Балкан покажуваат дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, самопрогласеното Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 2,8% во 2026 година, што е за 0,3 процентни поени под претходните проекции. Се очекува скромно забрзување на растот на 3,2% во 2027 година. Стареењето на населението е дополнителен аларм за економијата.

-Населението на Западен Балкан старее побрзо од кое било друго место во Европа. Во текот на следната деценија, барем едно од пет лица во регионот ќе биде постаро од 65 години – се нагласува во извештајот.

Директорката на Светската банка за Западен Балкан истакнува дека глобалната неизвесност и геополитичките тензии го ограничуваат растот на Западен Балкан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот