Суплементите со колаген ја одржуваат кожата поеластична, но нема да ги спречат брчките, тврдат научниците
Ново научно истражување покажа дека земањето суплементи со колаген може да ја подобри еластичноста и хидратацијата на кожата, но не може да спречи појава на брчки.
Препорачано
Анализа на 113 клинички студии, во кои учествувале речиси 8.000 луѓе, покажува дека редовната употреба на колагенски таблети или прав ја подобрува еластичноста на кожата со текот на времето, но не помага во борбата против стареењето, објави „Би-би-си“.
Според наодите додатоците во исхраната со колаген можат да придонесат за подобра еластичност и хидратација на кожата, а во исто време да ја намалат болката, вкочанетоста и абењето на зглобовите кај луѓето со остеоартритис.
Колагенот е протеин што телото природно го произведува и кој е клучен за структурата на кожата, коските, тетивите и ‘рскавицата.
Сепак, неговото производство се намалува со возраста, додека постоечкиот колаген се распаѓа побрзо. За време на менопаузата, жените можат да изгубат до една третина од колагенот во нивната кожа. Пушењето и оштетувањето на кожата од сонце дополнително го забрзуваат овој процес.
Истражувачите од Универзитетот „Англија Раскин“ забележаа дека многу од претходните студии биле финансирани од индустријата за додатоци во исхраната и честопати содржеле претерани тврдења за ефектите против стареење.
– Колагенот не е лек за сè, но има веродостојни придобивки кога се користи конзистентно со текот на времето, особено за здравјето на кожата и остеоартритисот – рекол професор Ли Смит, еден од авторите на студијата.
Тој додаде дека колагенот може да се гледа како дел од поширок пристап кон здраво стареење, а не како третман против брчки.
Нутриционистите, исто така, ја нагласуваат важноста на исхраната за здравјето на кожата. Витаминот Ц, присутен во агрумите, бобинките и зелениот зеленчук, како и цинкот од месото, јаткастите плодови и интегралните житарки, придонесуваат за природното производство на колаген во телото.
Претставниците на дерматолошката професија ги поздравија резултатите, но ја нагласија потребата од дополнителни, поцелни клинички студии со цел попрецизно да се проценат ефектите на колагенот врз кожата.


