Сугарески-Китанов: Ја подобруваме патната инфраструктура во Маврово за да го развиеме туризмот

Проектот за рехабилитација на регионалниот пат Маврово-Никифорово е во вредност од 53 милиони денари, градежните работи се одвиваат со забрзана динамика и се очекува да заврши до крајот на месец октомври.

– Со рехабилитацијата на патиштата во Маврово и Реканскиот крај, меѓу кои патниот правец од Гостивар кон Стража и Кичево и регионалните патишта Ново Село-Маврово, Маврово-Никифорово, Маврови Анови – с.Маврово и Маврови Анови-Жировница ќе обезбедиме услови за развој на туризмот и поквалитетен живот за жителите на овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово-Никифорово.

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека со засилено темпо се одвиваат и градежните работи на автопатот Кичево-Охрид.

– Подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, па затоа со ЈП за државни патишта максимално сме посветени на реализација на она што го ветивме. Најавивме економска година, интензивно работиме на реализација на инфраструктурни проекти и резултататите се веќе видливи. Тоа го потврдуваат и последните податоци за Бруто Домашниот Производ за вториот квартал, каде имаме раст од 3,1% , а само градежништвото бележи раст од 2,8 %. Со исто вакво темпо продолжуваме и во следниот период“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот Сугарески додаде дека Владата ќе остане посветена на создавање услови за економски развој и конкурентност на секој од регионите, како и поквалитетен живот на граѓаните.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека во тек е завршната фаза од рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово-Никофорово и се очекува до крајот на следниот месец да биде комплетно завршен.

– Се наоѓаме во финалната фаза од рехабилитацијата на патниот правец Маврово-Никифорово. Не треба ни да спомнувам во каква состојба беше овој пат кој беше заборавен со години. Моментално се работи и на санација на свлечиштето од Маврово до Галичник. Во овој регион наскоро ќе започнеме со реализација на два значајни проекти, а тоа е реконструкција со проширување на патниот правец Никифорово-Леуново-Бунец во должина од 11 километри и рехабилитација на регионалниот пат Маврови Анови-Жировница во должина од 18,5 километри и вредност од 7 милиони евра“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Директорот Китанов додаде дека оваа година ќе заврши со рехабилитирани најмалку 500 километри патишта, а уште од сега е планирано распишување на јавни повици за рехабилитација на преку 350 километри патна мрежа во текот на следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот