Судот ја прифати тајната снимка што ја направила Минка Веизовска на Онкологија, а на која се слуша аптекарот и договорот за митото

Фото Слободен печат колаж

Кривичниот суд ја прифати снимката која со својот мобилен телефон ја снимила сега починатата пациентка на Клиниката за онкологија Минка Веизовска, а на која се слуша аптекарот обвинет за примање поткуп Калтрин Уштеленца како со Веизовска го договараат митото за биолошката терапија „кејтруда“.

Адвокатката на аптекарот најави дека ќе го обжали ова решение на Кривичниот суд пред Апелација, затоа што смета дека станува збор за снимка која е направена незаконски, а со која на фармацевтскиот техничар Уштеленца и нејзин клиент, му биле загрозени уставно загарантираните права.

– Предлагам судот да не ја зема снимката како доказ зашто е прибавена на незаконит начин со кој се кршат слободите и правата утврдени со Уставот, законот и меѓународните договори. Со оглед на тоа што снимката е прибавена со незаконско и неовластено тонско снимање му предлагам на судот да не ја зема предвид и да не ја третира како доказ врз основа на кој може да се донесе судска одлука, побара адвокатката на обвинетиот аптекар, Александра Богдановска.

Судот не ја прифати нејзината сугестија и ја прифати снимката. Пациентката Минка Веизовска боледуваше од карцином на белите дробови. На крајот на 2022 година, таа во полициската станица Беко пријави дека фармацевтскиот техничар вработен на Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца ѝ барал мито за да ѝ издаде биолошка терапија „кејтруда“, а во спротивно ѝ се заканувал дека за неа нема да има терапија и дека „нема да ѝ ја чуваат“. Веизовска пред да почине, во судница даде исказ во кој објаснуваше дека плашејќи се за својот живот и со оглед на тоа што има сериозна дијагноза, се грижела за тоа да има терапија и прифаќала да дава мито за терапија која инаку ѝ следувала бесплатно како осигуреничка на Фондот за здравство. Но, во моментот кога се посомневала дека не добива терапија, туку физиолошки раствор, решила да го пријави случајот во полиција. Инспекторите на МВР ја поучиле дека на Уштеленца треба да му даде обележани пари како што и сторила на очиглед на полициски службеници и инспектори кои го гледале кривично-правниот настан.

Еден од инспекторите во судница сведочеше дека обвинетиот Уштеленца ги зел парите, па продолжил да јаде од бурекот.

– Со уште шестмина полициски службеници бевме присутни на местото на извршување на кривичното дело и имавме прилика лично да видиме што се случуваше. Потврдувам дека банкнотата му беше дадена во десната рака, ја стави во дуксерот, па продолжи да јаде од бурекот. Тогаш е лишен од слобода од наша страна, рече во судница инспекторот од МВР, Љупче Тодоровски.

Тој сведочеше затоа што одбраната на обвинетиот Уштеленца, во текот на целата главна расправа тврдеше дека Уштеленца не ги зел парите туку тие му биле подметнати. Така тврдеше и тој самиот.

– Дента кога се случи ова, излегов на пауза околу 9 часот, си зедов за јадење и си седнав во паркот да јадам. После тоа дојде Минка, седна до мене, ме чекаше да јадам, ми ги стави парите во џебот од дуксерот и потоа стана и бев лишен од слобода. Не можев ништо да направам, рече обвинетиот Уштеленца во својот исказ пред судот.

Инаку, снимката која ја направила Веизовска, а на која се слуша Уштеленца и договорот за поткупот е обработена од страна на крим-техника при МВР со согласност на сопругот на починатата Веизовска.

Пациентката Минка Веизовска еден месец пред да почине, во судница тврдеше дека во текот на своето лекување со биолошката терапија „кејтруда“, на Клиниката за онкологија постојано плаќала пари, а во спротивно ѝ било кажувано дека нема да има терапија за неа. Дополнително, според исказот на Веизовска, терапијата наместо сестрите ѝ ја носел самиот Уштеленц,а а на неа немало ниту име ниту етикета поради што се сомневала дека прима физиолошки раствор а не лек. Флакон „кејтруда“ е 3.600 евра.

Потресен исказ за Онкологија во судница: Не ми беше за парите што му ги давав на аптекарот, туку затоа што не ми се даваше терапија!

Инспектор од МВР за аптекарот од Онкологија: Ги зеде стоте евра од пациентката, ги стави во дуксерот и продолжи да јаде од бурекот

Почина Минка Веизовска, пациентката што го пријави аптекарот од Онкологија дека ѝ барал мито за биолошка терапија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот