Судење „Пулс“: Обвинителството презентираше лиценца од 2012, одбраната тврди дека документот важел за друг локал
Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Меѓу другото, Обвинителството презентираше лиценца издадена во 2012 година од Министерството за економија.
Препорачано
Одбраната побара во судницата да се прочита делот од лиценцата во кој е наведено за кој објект, за која дејност и за која локација е издадена.
Од презентираниот доказ произлезе дека лиценцата не била издадена за објектот каде што се случи трагедијата, туку за сосема друг угостителски објект, на друга адреса, на улица „Димитар Влахов“ бб во Кочани. Објектот каде што се случи пожарот е на друга адреса, на улица „Крижеска“.
Според документот, лиценцата била издадена за вршење угостителска дејност кабаре, а не за дискотека, и имала важност од една година од денот на издавањето.
На судењето, беа презентирани и фотографии од внатрешноста на дискотеката „Пулс“ по реновирањето, обезбедени од вештачењето на телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителство нагласи дека нема никаква официјална документација.
Одбраната укажа да биде нотирано дека од сликите се гледа дека има задна врата на која стои знак „излез“, како и знак „забрането точење алкохол на малолетни“ над шанкот.
Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката, меѓу останатите, беа презентирани записник од извршен вонреден надзор, при што се утврдени неправилности – за објект со одобрение за лесна индустрија повеќе години се користи како објект за угостителска дејност дискотека и за истиот нема одобрение за пренамена.
Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.
Обвинителство презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети откако се овозможиле услови за тоа на лице место на настанот – од лични документи, лаптопи, каса со пари и други предмети, меѓу кои беа посочени 140 билети за влез во „Пулс. Исто така, Договор за патролно осигурување меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“, Известување за вршење дејност и записник од извршен инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.
Одбраната бараше да биде прочитан дел од констатираниот надзор, додека Обвинителство нагласи дека ова се документи најдени на лице место на настанот во папката за „Кабаре Пулс“ и како такви се доставени како докази, дали во оригинал или како копија.
Надвор од судницата, денес пред новинарите се обрати Александар Наунов, татко на загинатата Надица. Според него, случајот за трагедијата во „Пулс“ во која загинаа 63 деца и млади лица не може да се третира како обична несреќа.
„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за „несреќа“. Несреќа е кога природата ќе удри без предупредување. Но кога со години институции дозволуваат небезбеден објект да работи, кога се прифаќаат непополнети пријави, се користат стари согласности и се премолчуваат недостатоци, тогаш тоа не е несреќа, туку системско замижување“, изјави Наунов.
Наунов: Цинично е адвокати да бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за несреќа
Судењето продолжува на 3 јуни со изведување материјални докази од Обвинителство.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“ и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


