Студиото „Приватен принт“ презентира истражувачки проект на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов

Изложбата „Скип ад“, која е проследена со истоимената книга од Ѓорѓи Десподов, од 26 ноември до 10 декември е поставена во студиото „Приватен принт“ во Скопје.

Станува збор за истражувачки проект на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов, преку кој тој ја преосмислува улогата на графичкиот дизајн во насока на алатка за критичко читање. Целото истражување тргнува од премисата дека графичкиот дизајн денес е најмногу во корист на масовната продукција, преку којашто се обликува светот на нашите потреби.

Оттука, Десподов создава игрив уметнички метод наречен „Сесија за себепронаоѓање“, составен дел од поширокиот проект „Скип ад“. Преку овој метод, кој е критички свртен кон масовниот консумеризам, Десподов ја отвора можноста за сојузништво помеѓу графичкиот дизајнер и корисниците.

Ѓорѓи Десподов (1996, Прилеп) е мултидисциплинарен дизајнер, кој главно работи во полето на визуелните уметности и создава концепти преку широк спектар на дисциплини, како што се графички дизајн, 3Д-визуелизации и илустрации.

Изложбата и публикацијата на Десподов се дел од активностите на студиото „Приватен принт“ поддржани од програма на Фондот „Принц Клаус“ од Амстердам. Програмата има за цел да ги открие локалните специфичности и разлики на културната реалност и да поддржи нови идеи во зародиш.

Во 2021 година студиото „Приватен принт“ работеше на проекти со уметницата Ивана Мирчевска, чијашто практика е основана на видеото како медиум, графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов и трансдисциплинарната дизајнерка Клелија Живковиќ и со нив ја разви новата едиција „Идни перспективи“, во која се објавуваат книги на млади уметници кои покажуваат став кон иднината на уметноста и културата, преобмислувајќи ја на тој начин својата позиција на уметник или културен работник во системот во којшто работат.

„Приватен принт“ е издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот