Љубовен пар / Фото: Pexels

Студија открива – водењето љубов наутро го зголемува успехот и шансите за покачување на платата

Во современиот свет опседнат со оптимизација и трикови за продуктивност, од интермитентен пост до дигитален детокс, потрагата по формулата за успех никогаш не запира. Но, што ако најефикасниот поттик за подобар работен ден е поедноставен, попријатен и поблизок отколку што мислиме?

Студија спроведена од онлајн аптеката „ЗипХелт“ на примерок од илјада вработени Американци откри изненадувачки силна поврзаност меѓу утринската интимност и работната ефикасност. Резултатите покажуваат дека луѓето кои имаат интимен однос пред работа постигнуваат подобри резултати во речиси сите аспекти од работниот ден.

Бројките се убедливи. Дури 71 отсто од испитаниците кои денот го започнуваат со интимност изјавиле дека се чувствуваат попродуктивно, 70 отсто завршиле повеќе задачи, а 58 отсто пријавиле подобра концентрација. Но, придобивките не се само субјективни. Се чини дека утринската страст има директно влијание и врз приходите.

Дури 51 отсто од оние кои практикуваат утринска интимност добиле покачување во последната година, што е значително повеќе од другите групи. Дополнително, речиси секој петти (19 отсто) добил унапредување. Вкупно, речиси една третина од испитаниците сметаат дека задоволниот интимен живот позитивно влијаел врз нивната кариера и заработка.

Научниците нудат и објаснување за овие резултати. За време на интимниот однос, телото ослободува „коктел“ од хормони на среќата, меѓу кои допамин – поврзан со мотивацијата и наградата, и окситоцин – познат како хормон на поврзаност, кој го намалува стресот и создава чувство на смиреност.

Овој хормонален ефект делува како природен антидепресив и средство против анксиозност, правејќи нè поотпорни на секојдневниот стрес на работа. Студија на професорот Кит Ливит од Универзитетот во Орегон покажала дека позитивното влијание врз расположението и работната ангажираност може да трае и до 24 часа.

Интересно е што, спротивно на стереотипите, најактивни во оваа навика не се најмладите. Истражувањето покажало дека генерацијата икс и бејби-бумерите предничат со 20 отсто, додека милениумците (17 отсто) и генерацијата зет (16 отсто) се веднаш зад нив.

Според професијата, најчесто ваква рутина практикуваат вработените во маркетингот, угостителството и индустријата за забава. На врвот се и раководителите и сопствениците на компании (26 отсто), како и повисоките менаџери (23 отсто), што укажува дека луѓето насочени кон подобрување на своите навики ја препознаваат и оваа, поинаква метода за успех.

Иако многумина не можат да го замислат утрото без кафе, повеќе од една третина од испитаниците (35 отсто) тврдат дека утринската интимност го подобрува расположението поефикасно од кофеинот. Сепак, постои и ризик – доцнење на работа. Околу 21 отсто признале дека барем еднаш задоцниле поради оваа навика, а процентот е највисок кај генерацијата зет (25 отсто).

На крајот, изгледа дека во свет што постојано бара сложени решенија за баланс меѓу работата и приватниот живот, одговорот може да биде многу поедноставен. Малку утринска блискост со партнерот може да донесе не само подобро расположение, туку и поуспешна кариера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот