Протест за правосуден испит и на Албански - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Протест за правосуден испит и на Албански - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Студентот Адеми за протестот: Утре Скопје ќе биде преплавено со црвено и црно — исто како нашата крв и душа

Копретседателите на Вреди Касами и Меџити порачаа дека наскоро ќе има добри вести. „Испитот по право ќе биде и на албански јазик! Наскоро со добри вести…“.

Мевлан Адеми, дел од групата студенти што го организираат утрешниот студентски протест во Скопје, побара поддршка од граѓаните. Тој порача дека за разлика од првиот протест на студентите Албанци на кој бараа правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, утре ќе протестираат против обидот за релативизирање на албанскиот јазик. Копретседателите на Вреди Изет Меџити и Билал Касами преку Фјсбук порачаа дека наскоро ќе има решение и правосудниот испит ќе се полага на албански јазик.

„Утре мора да докажеме дека го заслужуваме овој јазик и дека жртвата на нашите претходници вредеше. Утре не протестираме за испит, туку за ставот на оние кои секогаш се обидуваат да го релативизираат нашиот јазик и да го третираат како техничка работа. Утре протестираме за јазикот на нашите баби и дедовци! Утре протестираме за албанскиот јазик! Утре, во 16.30 часот, Скопје ќе биде преплавено со црвено и црно — исто како нашата крв и душа. Нашиот идентитет не е предмет на преговарање, тој е заштитен!“, напиша Адеми.

Студентите преку социјалните мрежи добиваат масовна поддршка од домашни политичари и јавни личности, но и од функционери од Косово и од Албанија.

Претседателот на дел од Алијанса за Албанците Арбен Таравари преку социјалните мрежи порача:

„Вашите обиди да нè осакатите интелектуално, принудувајќи нè да го браниме знаењето на јазик што не е наш, само го разгоруваат пламенот на бунтот. Колку повеќе го потиснувате ова право, толку помоќна и незапирлива ќе биде лавината од нашата реакција. На 18 мај ќе разберете дека албанскиот јазик не може да се удави и дека оваа генерација нема намера да се поклони пред никого“, напиша меѓудругото Таравари.

Косовскиот политичар Фатмир Лимај, преку јавна порака изрази поддршка за албанските студенти. Тој нагласи дека историјата докажала дека секој пат кога младите Албанци се кренале на нозе со храброст и достоинство, нивниот глас станал глас на народот и донел промени.
Студентите добија поддршка и од градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама.

„Албанскиот јазик не е привилегија, туку е уставно и фундаментално право на секој Албанец во Северна Македонија. На 18 мај, пред Камениот мост во Македонија, студентите се креваат за да го одбранат своето достоинство, идентитет и легитимни права. Ова не е само студентска битка, туку национална и демократска кауза.
Молчењето пред дискриминацијата е соучесништво. Затоа, денес е време сите Албанци, без оглед на партијата, идеологијата или местото на живеење, да застанат покрај студентите и со еден глас да побараат: законот да се спроведува и албанскиот јазик да се почитува. Бидејќи каде што е негиран јазикот, идентитетот е негиран. А каде што е негиран идентитетот, самата еднаквост е загрозена. Приштина е со вас“, напиша Перпарим Рама.

Копретседателите на Вреди Касами и Меџити порачаа дека наскоро ќе има добри вести.

„Испитот по право ќе биде и на албански јазик! Наскоро со добри вести…“.

Од Вреди порачаа дека го почитуваат протестот, но силно се противат на неговото инструментализирање .

„Вреди од самиот почеток го поддржуваше и продолжува да го поддржува барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Ова е право за кое воопшто не требаше да се дискутира, а уште помалку да се чека толку многу години. Работите треба да се кажат онакви какви што се. Овој проблем не падна од небо. Овој проблем има политичко име и презиме, ДУИ – велат од Вреди.

Од владејачката партија додаваат дека 22 години ДУИ имала сè во свои раце, власт, министри, кабинети, односно апсолутна моќ.

„Но, за правосудниот испит на албански јазик, како и за многу други прашања, не направија ништо. Ние докажавме дека кога има волја, проблемите се решаваат. Го решивме прашањето со лиценцирањето на лекарите и воспитувачките, а донесовме и закон за медресантите, кои ДУИ со години ги имаше оставено настрана. Со истата сериозност постапуваме и по ова прашање. Го почитуваме протестот. Но, силно сме против обидите на ДУИ да го инструментализира и да го користи како покритие за сопственото 22-годишно фијаско. Затоа, на ова прашање му пристапивме со одговорност и сериозност. Го решаваме, како што решаваме и многу други прашања што со години биле оставени половично“, соопшти Вреди.

ВРЕДИ: Со законот за правична застапеност ги носиме Албанците во центарот на институциите, каде што припаѓаат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот