Страв од змии се шири во Сплит – двајца каснати од поскок во два дена
Според Клиничко-болничкиот центар во хрватскиот град Сплит, двајца луѓе, еден маж и една жена, биле каснати од поскок во одвоени инциденти во изминатите два дена и биле примени на Инфективната клиника, пишува „Слободна Далмација“.
И двете каснувања се случиле во околината на Сплит, во насока на Трогир и Омиш, а според информациите, несреќните жртви на никаков начин не ги испровоцирале змиите, туку се шетале во природа, при што биле каснати за рацете. Тие се надвор од животна опасност, добиле соодветен
противотров и закрепнуваат.
Со оглед на тоа што во полн ек е бербата на маслинките на хрватското приморје, а змиите се уште се движат на отворено поради топлото време и високите температури, лекарите апелира до луѓето да бидат внимателни и да имаат на ум дека змиите се многу активни, односно да очекуваат дека е можно да ги сретнат при секое одење во природа. Во есенските месеци, пред да одат во хибернација, поскоците почесто се среќаваат на гранки од дрвја или грмушки, велат експертите.
Во јуни годинава, седумгодишно дете беше каснато од поскок, исто така во околината на Сплит.
Поскокот е најотровната од трите вида змии-отровници кои се среќаваат во Хрватска. Отровот содржи хемотоксични елементи кои предизвикуваат шок. Каснувањето ретко е смртоносно за луѓето, но во некои случаи може да предизвика тешки здравствени тегоби.