Стојанов: Во паника се кога ќе кренат температура, а мерките не се почитуваат!

Младите не можат да сфатат дека не може да има вакви групирања, забави. Ние сме на работа и сабота и недела, тие се на одмор и опуштени – вели Стојанов.

Со вакво драстично непочитување на мерките, состојбата со Ковид 19 воопшто нема да биде добра и бројот на новозаразени ќе расте, тврди за „Слободен печат” директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, епидемиологот Александар Стојанов.

Семејните прослави, неносењето маски и однесувањето како да нема пандемија, даваат неповолни резултати. Од една страна се наоѓаат изморените здравствени работници, а од другата страна се се поголем број на економски субјекти кои се грижат за својот економски опстанок. Бизнисмени од Тетово барале да им бидат издадени специјални дозволи за патување во Косово за бизнис причини, угостители инсистирале да организираат свадби иако тие е неможно да се одржат без да бидат ризик за ширење на заразата вршејќи на таков начин притисок врз Комисијата за заразни болести да попушти пред очигледните ризици за ширење на коронавирусот.

Бројката од 200 новозаразени со коронавирус ја проби психолошката бариера кај граѓаните како показател на алармантноста и растот. Во Скопје, каде вообичаено бројот на новозаразени се движи околу 30 до 40 случаи дневно, последно се регистрирани дури 65 нови случаи.

До среда Центарот за јавно здравје Скопје ќе знае дали двестате новозаразени со Ковид 19 се производ на заеднички кластери. Епидемиолошките анкети ќе бидат завршени до среда и до тогаш ќе се знае дали има заеднички именител меѓу овие лица, односно дали се движеле на исти места, посетувале исти работни места или летувале заедно.

– Изминативе шест месеци имавме периоди кога состојбата беше подобра, но сега е влошена и со вакво непочитување на мерките воопшто нема да е добро. Луѓето несериозно ги сфаќаат мерките а кога ќе ги добијат симптомите, кога ќе качат температура се јавуваат кај нас со зборовите „во паника сум, морам да се тестирам”. Со никого не можете да се разберете. Цело време има свадби. Автобуси не возат со 50 проценти од капацитетот како што треба, туку се грижат за профитот. Еве туристички агенции се закануваат дека ќе штрајкуваат зашто не можат да возат во странство за сезоната на летувања. По плажите се прават забави како да е Нова Година. А дури кога ќе дојде грипот на есен, кога луѓето ќе се затворат во канцеларии ќе биде уште полошо ако се продолжи со вакво непочитување на мерките. Младите не можат да сфатат дека не може да има вакви групирања, забави. Ние сме на работа и сабота и недела, тие се на одмор и опуштени – вели Стојанов.

Апелот за сите граѓани останува истиот од изминатите шест месеци, а тоа е да носат маска, да одржуваат дистанца од два метри и да не се групираат.
Директорот тврди дека повеќе од половината од граѓаните што се заразени со коронавирусот не знаат ниту каде ниту од кого се инфицирале.

– Четириесет проценти кажуваат и знаат од кај се заразиле, но 60 проценти не знаат. Тие што знаат од каде се заразиле, всушност ни помагаат на начин што можеме да ги анкетираме нивните контакти зависно од ризикот. Но, има места каде навистина не може да се открие контактот. На пример, кога одите на пазар, дали сите носат маски и дали сите одржуваат дистанца? Не. Или се возеле во автобус во кој што не носеле маски. Четири пати доаѓаат организации на угостители и бараат да може да организираат свадби. Па кога не им даваме, продолжуваат да ги прават свадбите во дворови од куќи со 200 гости, каде никој не им влегува. Стопанска комора на западна Македонија бара бизнисмени да одат до Приштина и да се враќаат назад. Тоа е барање преку леб погача. Гине народ – вели Стојанов.

Министерот за здравство Венко Филипче, најави двојно зголемување на бројот на бесплатни вакцини против сезонски грип во пресрет на есенскиот период, кога освен коронавирусот традиционално се случуваат и грип и други горнореспираторни инфекции. Оваа мерка за вакцинирање против сезонски грип особено ќе помогне за хронично болните, возрасните над 65 години, здравствените работници и бремените жени. Вакцинацијата против сезонски грип нема да е задолжителна, но надежта е дека луѓето ќе прифатат да ја примат, особено оние од најранливите групи. Филипче рече дека се зајакнуваат болничките капацитети, дека се носи нова опрема и материјали за да се овозможи брзо тестирање, но и да се обезбеди поголем број на медицински работници во пресрет на есента.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот