Стојанче Јовановски, Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Стојанче Јовановски, Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Јовановски се брани со исказ за компромитација на Мартин Саздов, обвинителката вели: Очекувано е да глуми жртва

Денеска во Кривичниот суд Скопје, исказ пред судија дава Стојанче Јовановски. Тој ги опиша односите со сопругата Ивана како нормални до 2022 година, но оттогаш рече дека пронаоѓал сомнителни пораки поради кои мислел дека Ивана го изневерува, коишто биле и со Мартин Саздов. Според неговото сведочење, кога дознал за врската меѓу Ивана и Мартин Саздов, тоа ескалирало, поточно со Саздов се сретнале „да се пресметаат“.

-Мартин извади „калашников“, автоматска пушка, го впери во мене и ми кажа дека ќе ме убие. Му ја фатив цевката и му кажав да пука и уште го имам белегот во левото рамо кога ме удри со цевката. Некој викна полиција, Мартин проба да избега, па за да го спречам го удрив со моето возило. Но тој сепак избега, а моето возило остана неподвижно. Повикав пајак и го однесоа возилото во сервис. Потоа ми се јави на телефон ми се закануваше дека морам да му платам отштета за возилото што сум му го удрил. Му кажав да дојде кај мене пред зграда да му го платам. Дојде со уште тројца другари, па пред сите кажав дека никогаш во животот  нема да му ја платам штетата од возилото, по што тој се согласи и ми кажа дека е во љубовна врска со Ивана. По извесен период таа поднесе документи за развод и ми соопшти дека сака Катја да остане кај неа, а јас да плаќам алиментација. Со тоа се согласив и отидовме во социјалната служба за да го потврдиме тоа. Отидов и се потпишав. Кога виде дека сум сериозен во намерата и ги почитувам нејзините одлуки, почна да ми пишува дека згрешила, дека не сака да се разведе од мене, сакала пак да живееме, меѓутоа ѝ било страв дека ако му го каже тоа на Мартин, нешто Мартин ќе ѝ направи, рече Јовановски.

Стојанче Јовановски имал кокаин и дијазепам во организмот, покажаа анализите од Судска медицина

Тој тврдеше дека поседува телефонски пораки, како Ивана му се жали дека Мартин ѝ се заканува, дека ако таа се врати со Стојанче ќе го убие, ќе му подметнел дрога во автомобилот, ќе му го демолирал станот. Пораките според Стојанче Јовановски биле од октомври 2025 година.

-Ѝ ѕвонеше на Ивана, ѝ пишуваше дека ќе се самоубиел, испил повеќе видови апчиња, ѝ праќаше слики каде што имале интимни односи, ѝ се заканувал дека ќе ги објави на сајтови за возрасни. Јас ѝ кажав дека за тоа има соодветно решение. Мартин престана да ѝ ѕвони и пишува, ама еден ден наставничката на Катја, додека јас и Ивана бевме заедно, ми се јави да ми каже дека непознато лице дошло да ја земе Катја од школо. Со Ивана отидовме со моето возило во училиштето „Песталоци“ каде го видовме Мартин како стои на влезот на школото. Го прашав што бара да ја зема мојата ќерка од училиште, сакаш ли да ја киднапираш? Му се заканив дека ќе го пријавам во полиција. Тој избега од школото, рече Јовановски.

Тогаш тој се фокусираше на настанот кога била пронајдена дрога во неговиот автомобил.

-На 29 декември 2025 бев трета смена на работа, во противпожарната станица што е во склоп на полициската станица Ѓорче Петров. При излегување од работа во 7 наутро, на кружниот тек во Ѓорче Петров црно возило марка „порше“ ми вклучи флешери, полициска сигнализација. Застанав, излегоа три лица во цивилна облека. Ме прашаа дали во возилото имам нешто недозволено. Зачудено им одговорив дека излегувам од истото место од каде излегуваат и тие. Тие кажаа дека имаат дојава дека во возилото има нешто недозволено и мора да го проверат. Се согласив веднаш со тоа и им кажав дека цела ноќ сум бил во полициската станица. Извршија преглед на моето возило и во задниот дел кај што стојат осигурувачите извадија ќеса со зелена и бела боја. Почнав да негирам дека тоа не е мое и првпат во животот го гледам. Ме приведоа во полициска станица Карпош, ми го вештачеа телефонот, не најдоа ништо да ме поврзат со тоа што го најдоа во возилото. Ме пуштија со мерки да се пријавувам во суд, рече Јовановски.

После пронаоѓањето на дрогата Јовановски рече дека му го одзеле возилото. Тогаш Ивана, како што тврдеше тој во судница, му кажала дека Мартин пак ѝ ѕвонел, ѝ се заканувал дека никогаш нема да ја види Катја, дека мора да престане да живее со него и да оди кај мајка ѝ.

-Одговорив да не се вознемирува, дека јас ќе го решам тој проблем. Меѓутоа десетина дена пред критичниот ден мојата сопруга Ивана ми го даде нејзиниот телефонски уред за да ѝ симнам апликација за нарачување храна. Додека го разгледував телефонот видов апликација за следење при што ја отворив апликацијата и во неа имаше регистрирана местоположба „полициска станица Карпош“. Ми текна дека таму ми е моето запленето возило.  Ја прашав зошто ставила џи-пи-ес уред во моето возило, по што почна да плаче, да клекнува на колена, да ми се извинува дека морала да го направи тоа под присила од Мартин Саздов. Ми објасни како ми ја подметнале дрогата во возилото. Мартин Саздов ја уценувал со видеоклиповите, ѝ кажал да ми стави џи-пи-ес во возилото за да знае кај ми е возилото во секој момент, и каде што немало камери со резервен клуч кој му го дала Ивана, ми го отклучил возилото, ми ја подметнал дрогата и го вратил клучот назад, рече Јовановски.

Критичниот ден, втори март, Јовановски рече дека пронашол пораки наводно од полициски службеник на Инстаграмот на Ивана од кои се сомневал дека Ивана е во врска со него, па се упатил кај гимназијата „Нова“ да ја соочи со пораките, а таму ја видел со Мартин и како што рече „сфатил дека сè што таа му кажува е лага и фарса“.

-Почна Мартин да ме смирува со зборовите: „Чекај малце, има многу работи што не ги знаеш, таа нè лаже и двајцата“. Мартин ми рече дека имал уште многу работи да ми кажува во врска со Ивана и предложи да ме однесе во Кривичниот суд и да ми раскаже што знае за Ивана. Ми кажа дека „Ивана и Мартин биле во постојана комуникација, биле во интимни односи“. Саздов го извади неговиот телефон и имаше видеоклипови и слики од нив двајца. Јас го прашав Мартин зошто ми ја подметнале дрогата во возилото, дека не им се плашам ни на двајцата, дека вистината ќе се докаже порано или подоцна. Ивана кажа дека ѝ се заканувал Мартин. Мартин ја праша: „Кој ти се заканувал?“, се сврте и со десната рака ја удри Ивана во лицето, рече Стојанче Јовановски.

Обвинителката Адела Бојчевиќ истакна дека за неа е очекувано Јовановски да се стави во улога на жртва наместо во улога на сторител.

-Тоа е очигледен обид да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар наспроти сите материјални и вербални докази што ги изведе Обвинителството. Психолошкиот наод и мислење во однос на психолошките карактеристики на Стојанче утврдува дека тој има изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината во насока на себезаштита, како и префрлање на било каква одговорност на други лица и минимизирање на сопственото однесување и личната одговорност. Ова не е моја субјективна проценка, рече обвинителката Бојчевиќ.

Таа додаде дека за предметот со дрогата има друг обвинител и тоа е друг случај. Запрашана дали има докази да се потврди исказот на Стојанче дека „Мартин ја удрил Ивана“ обвинителката рече дека на критичниот ден нема такво нешто ниту претходно.

-Целиот исказ го гледам како обид за прикажување на Стојанче наместо како сторител, како жртва во целиот настан, рече обвинителката Бојчевиќ.

Јовановски тврдеше дека идејата Катја да се земе од училиште порано, во 13 часот била на Мартин Саздов, го обвинуваше Саздов дека критичниот ден на 2 март, Мартин ѝ кажал: „Види какво детенце имаш, нели ти е жал да го изгубиш, јас да сум на твое место подобро би се убил отколку ова да го направам“.

Стојанче Јовановски рече дека Ивана му ја подарила нејзината половина од станот бидејќи мајката на Стојанче во станот вложила 20 илјади евра.

Тој е обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана чиј живот трагично заврши со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе заедно со шестгодишната ќерка Катја по долго психичко и физичко малтретирање и сурово постапување. Максималната затворска казна за сите три дела за кои се товари Јовановски е 13 години, со тоа што збирната казна според Кривичен законик треба да е помала од 13 години.

Адела Бојчевиќ, јавен обвинител, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Адела Бојчевиќ, јавен обвинител, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

 

Обвинтелството го товари Стојанче Јовановски дека ја навел на самоубиство сопругата Ивана која со него била во бракоразводна парница, дека ѝ ја загрозил сигурноста и дека ѝ нанел телесни повреди при вршење семејно насилство.

На минатите рочишта изведени беа снимки каде Јовановски ја тепа со шлаканици Ивана на јавни места три часа пред самоубиството, во близина на комплексот судови, пред гимназијата „Нова“ во Карпош, но се дозна и дека самиот ја снимал со мобилниот телефон откако ќе ја натепал, се смеел додека таа плачела. Во судница на минатото рочиште изведени беа две снимки, на кои Ивана плаче откако Стојанче ја тепал и му се обраќа со зборовите: „По бубрези ме тепаш, зашто сам ми имаш кажано дека татко ти тепал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава“. На една видеоснимка што беше презентирана во судница, таа го прашува Јовановски:

-А по скали што ме бутна во болница пред сведоци, што сакаше да ме убиеш и што те пријавив? Колку пати ме имаш тепано? Во систем колку пријави има дека има семејно насилство од твоја страна?

Јовановски според Обвинителството сè почесто ја тепал и омаловажувал Ивана во домот во присуство на Катја, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Од досегашните сведочења произлезе дека лани во август, ги претепал Ивана и Катја и ги оставил ноќе на автопатот кај Штип, зашто се изнервирал што Ивана го згрешила патот кога ја следела апликацијата за навигација.

Мајката поднела тужба да се разведе од насилникот, а во ЦСР Скопје пред еден месец е пријавено дека сопругот ја тепал

Toj издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата.

Нови снимки во судница: Стојанче Јовановски кај Кривичниот суд ја тепа Ивана со шлаканици, два часа пред самоубиството

Обвинителството пушти видео од Ивана во судницата: плаче додека Стојанче ја снима и се смее откако ја тепал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот