Стојанче Јовановски имал кокаин и дијазепам во организмот, покажаа анализите од Судска медицина
Освен повредите што ги имала од падот од зградата во Тафталиџе, Ивана Јовановска имала и крвни подливи на брадата и вратот од тап и тврд предмет настанати десет дена пред настапувањето на смртта, како и такви настанати истиот ден кога настапила нејзината смрт или еден ден претходно, сведочеше во судница експертот по судска медицина, вештакот Златко Јаќовски.
Препорачано
Кај покојната Ивана Јовановска, според него, не се констатирани ниту алкохол ниту други психоактивни супстанци во организмот при обдукцијата.
Кај Стојанче Јовановски анализите од судска медицина покажале дека во телото имал и кокаин и лекови за смирување.
-Со токсиколошката анализа на крвта и урината, кај лицето Стојанче Јовановски во урината е констатирано присуство на кокаин со концентрација од 307,5 нанограми на милилитар, како и присуство на бензодиазепини, лекови за смирување во концентрација поголема од илјада нанограми на милилитар. Има присуство на дијазепам, а во урината нордијазепам и метаболит на кокаин – рече Јаќовски.
Обвинителството го товари Стојанче Јовановски дека ја навел на самоубиство сопругата Ивана, која со него била во бракоразводна парница, дека ѝ ја загрозил сигурноста и дека ѝ нанел телесни повреди при вршење семејно насилство. Животот на Ивана и шестгодишната ќерка Катја заврши на 2 март годинава со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе.


