Стихозбирката „Чувари на малите нешта“ на Ана Пејчинова ќе има промоција во „Метаноја“
Во Литературното кафе „Метаноја“ на 13 ноември, во 19 часот, ќе се одржи промоција на четвртата збирка поезија на Ана Пејчинова, со наслов „Чувари на малите нешта“ во издание на „Или-или“. За стиховите ќе говорат уредниците на збирката Никола Маџиров и Наташа Атанасова.
Препорачано
Книгата „Чувари на малите нешта“ претставува избор од досега необјавени стихови на авторката, напишани во периодот 2002 – 2025. Во класичен и во слободен стих, поезијата на Ана Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта кои се светилишта на суштина. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.
Циклусите на пропаст и препород течат низ страниците како плима и осека: „Врз урнатини градиме. Секогаш така.“ Секој пад е и лет, и обратно – дел од истото движење кое го владее светот, под привлечната сила на „двојна тежа“: онаа на Земјата и онаа на убавината и на духот. Телото е и рана и оружје, и архаична сила на плодност, смрт и спознание. Морето и сонот се и место на потекло, и праг на уништување кое води кон препород.
Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме „чувари“, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, гради и преобразува.
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот.
Има објавено четири збирки поезија на македонски јазик: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025), како и збирка раскази „Авгански дневници“ (2008). На англиски јазик, има објавено избор стихови „Guardians of the Tiny and Tender“ достапен на „Kindle“ (Amazon Books).
Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.
Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик: епот „Четирите Зои“ од Вилијам Блејк, стихови од Руми и „Избрани песни од Радјард Киплинг“.


